НАПАЃАЧОТ НА ШЕЌЕРИНСКА СЕ ПРОШЕТА СО РАЦЕТЕ В ЏЕБ ДО ОБВИНИТЕЛСТВО И ДОБИ ЗАБРАНА ДА СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО ПРОТЕСТ

    НАПАЃАЧОТ НА ШЕЌЕРИНСКА СЕ ПРОШЕТА СО РАЦЕТЕ В ЏЕБ ДО ОБВИНИТЕЛСТВО И ДОБИ ЗАБРАНА ДА СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО ПРОТЕСТПратеничката и заменик претседателка на СДСМ Радмила Шеќеринска имаше хируршка интервенција на главата поради повредите што ги доби кога беше нападната во Собранието при упадот на толпата. На снимката се гледа напаѓачот П.А. (Фото: Радио Слободна Европа/принтскрин)

    Напаѓачот на пратеничката Радмила Шеќеринска помина со кривична пријава за учество во толпа што ќе стори кривично дело и мерки на претпазливост, вклучувајќи забрана за приближување на место каде се одржува протест во растојание од 500 метри, по посетата на Основното јавно обвинителство (ОЈО).

    Лицето П.А. (65), кое на видео снимките од нападот во Собранието се гледа како брутално ја кубе Шеќеринска, дојде на распит во Обвинителството на Марко Зврлевски во петокот вечер со рацете в џеб, а си пушеше цигара, која на сугестија на еден од полицајците кои го придружуваа ја фрли во канта за отпадоци пред да влезе во објектот на Кејот на Вардар.

    Лежерното однесување на насилникот и на полицајците кои го придружуваа предизвика револт кај голем дел од граѓаните, кои на социјалните мрежи потсетуваат како течеа акциите за апсење и спроведување на осомничените во акциите со разни кодни имиња изминативе неколку години.

    Министерството за внатрешни работи вчера соопшти дека по приведувањето на П.А., самиот појаснил како на 27 април влегол во прес центарот во Собранието и со употреба на физичка сила ги нападнал пратениците Зоран Заев и Радмила Шеќеринска од СДСМ и Реџаил Исмаили од ДУИ, а воедно се туркал со вработени од обезбедувањето.

    По обавениот службен разговор, МВР го предаде лицето на ОЈО, од каде потоа соопштија дека „со оглед на обемната медицинска документација за здравствената состојба на осомничениот, јавниот обвинител кој постапува во предметот предложи до судија на предходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје определување на Мерки на претпазливост. Со Решение на судот, на лицето му се определени мерки за претпазливост и тоа: Забрана за напуштање на живеалиште, Одземање на патна исправа, Забрана за приближување на место каде се одржува протест во растојание од 500 метри и Забрана за приближување на лицата кои евидираат како оштетени од овој настан“.

    Досега, 17 лица добија кривични пријави од ОЈО за нападот во Собранието на 27 април, но сите за најлесни кривични дела, како учество во толпа што ќе спречи службено лице или што ќе изврши кривично дело. За осуммина е изречена мерка притвор или куќен притвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира