До сега ниту еден од седумтемина пратеници на опозицијата кои беа фатени на безбедносните камери како ја отвараат вратата на Собранието и ги пуштаат демонстрантите да влезат во зградата на Парламентот на 27 април не бил повикан да даде изјава. Снимките од собраниските камери како доказен материјал ги има Јавното обвинителство раководено од државниот обвинител Марко Зврлевски, но до сега никој од пратениците не е викнат на сослушување.
Професори по кривично право кои ги консултиравме изјавија дека никој не го спречува јавниот обвинител да ги викне на сослушување пратениците иако имаат имунитет. Ограничувањето важи само ако се бара притвор за пратеник ако е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.
Телевизиите Телма и АлсатМ објавија нови снимки од безбедносните камери во холот на Собранието, на кои се гледа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски ги отвараат влезните врати, а во насочувањето на толпата помагаат Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Илија Димовски, Љубен Арнаудов и пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски. На снимките меѓу учесниците во организираниот напад на Собранието се и функционери и вработени во МВР, АРМ и УБК.
Според Уставот, пратеникот ужива имунитет и не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е предвидена казна затвор во траење на најмалку пет години.
“Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието. Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години. Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник“, стои во Уставот.
Во собранискиот Деловник пишува дека барањето за одобрување на притвор на пратеник, како и известувањето дека пратеникот е притворен, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.
Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
Во специфичниот македонски случај, дури и да има барање за притвор, нема кој да го разгледа, бидејќи уште не е формирана Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија подготви посебен извештај за организираниот напад и дивеењето и бруталното насилство во Собранието на Република Македонија на 27 април, а меѓу сторените кривични дела се и обиди за убиство. Извештајот се осврнува и на повредите на права и слободи гарантирани со Уставот и санкционирани со Кривичниот законик. Содржи вкупно 28 кривични дела, од кои за 18 веќе постојат значителен број на докази и 10 кривични дела за кои постои сомневање дека се извршени. Можните сторители се поделени во четири групи: организатори, извршители, полициски службеници, нивни претпоставени.
Кривичните дела произлегуваат од 8 поглавја од Кривичниот законик, а беа насочени против: 1) животот и телото, 2) слободите и правата на граѓаните, 3) имотот, 4) сигурноста, 5) државата, 6) службената должност, 7) правосудството и 8) јавниот ред, вели извештајот.
Истовремено, Хелсиншкиот комитет со извештајот од МВР и од Основното јавно обвинителство побара да биде поведена предистражна постапка за утврдување кривична одговорност за кривичните дела опфатени во извештајот. Овој посебен извештај се однесува на кривични дела идентификувани преку фотографии, аудио-видеоматеријали и сведоштва, како и на кривичните дела за кои постојат сомнежи, но сè уште не е истражено дали биле сторени и од кого.
Г. ТРПЕНОСКИ