Во Штип се поставува споменик на jугословенската фудбалска легенда Драгослав Шекуларац-Шеки. Спомен обележјето се наоѓа во паркот кај Домот на културата во Штип, веднаш до споменикот на поетот Ацо Шопов.
Шекуларац е роден во 1937 година во Штип, каде почнал да игра фудбал, а потоа продолжил во Белград, каде се преселило неговото семејство. Низок по раст, но виртуоз во дриблингот, Шекуларац се смета за една од најголемите фудбалски легенди во поранешна Југославија.
Со неговиот талент успеал на 16-годишна возраст да стане првотимец на Црвена звезда, а следната година, како малолетник станал и репрезентативец на Југославија. За тогашниот национален дрес одиграл 41 натпревар со шест постигнати гола и илјадници асистенции, а за матичниот клуб 375 напревари и постигнал 119 голови. Со Црвена звезда пет пати бил шампион на Југославија. Како играч кариерата ја продолжил во германскиот Карлсруе и во Санте Фе во Колумбија, а ја завршил во екипата Далас во САД. По враќањето станува тренер на Црвена звезда.
Спомен обележјето е дело на штипскиот уметник Методи Андонов, а се очекува свечено да биде откриено во јуни, лично од Шекуларац. Тој кој во Штип престојуваше пред неколку месеци, кога му соопштија со што родниот град му се оддолжува.
„Благодарам многу на вниманието и на честа што ми ја укажувате. Во родниот Штип каде имам роднини убаво се чуствувам. Мило ми е што споменикот ќе биде во центарот на градот, каде како дете игравме фудбал, најмногу на песокот во коритото на реката Отиња“, рече Шекуларац.
Откривањето на спомен обележјето ќе биде збогатено и со голем ревијален натпревар, меѓу ветераните на Брегалница и на Црвена звезда, која ќе настапи со своите ѕвезди, Драган Џаиќ, Дарко Панчев, Илија Најдовски, Пижон, браќата Бошко и Милко Ѓуровски и многу други поранешни фудбалски ѕвезди.
Т. ЈОВАНОВСКИ