Тринаесет независни синдикални организации во отворено обраќање до лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев велат дека силно се противат на идејата вицепремиер за економски прашања во новата влада да биде претставник од бизнис заедницата. Сметаат дека за да може Македонија конечно да тргне по вистинскиот пат на развојот, мора да има промена во економските политики, но не во насока на уште поголемо фаворизирање на бизнисот, туку во спротивна насока, во насока на градење на поинклузивно општество.
„Владата и бизнис заедницата имаат различни интереси, кои понекогаш и се преклопуваат, ама во поголем дел од времето се спротивни едни на други. Поради тоа владата и бизнис заедницата се одвоени, исто како што се одвоени државата и црквата. Меѓу нив треба да постои соработка, ама таа соработка е на ниво на трипартитен дијалог канализиран преку Економско-социјалниот совет, во кој, покрај владата и бизнис секторот, се вклучени и синдикатите“, се вели во обраќањето на синдикалните организации.
Иницијативата ја потпишале Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Левичарско движење Солидарност, Движење за социјална правда Ленка, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО), Конфедерација на синдикалните организации на Македонија (КСОМ), Независниот академски синдикат (НАкС), Младинската организација МУГРА, АГРО Синдикат, Тивкото мнозинство ГЛАСНО (Штип) и Достоинствен работник (Прилеп).
СДСМ денеска соопшти дека како социјалдемократска партија „високо ги почитува ставовите на синдикатите за унапредувањето на социјалниот дијалог и работничките права и дека поради тоа програмата на новата влада во најголем дел се темели на овие заеднички цели и определби, внесени во неа во широки консултации со работниците, синдикални организации, комори“.
„Во Програмата предвидуваме измени и дополнувања на Законот за работни односи во насока на унапредување на работничките права и во овој процес синдикатите и Економско – социјалниот совет ќе имаат клучна улога. Воведуваме синдикално здружување и во приватните фирми, со што ќе постигнеме унапредување на работничките права и во тој сектор, нешто што до сега не функционираше“, вели СДСМ.