Високото ниво на корупција и неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото се главен проблем за човековите права во Македонија, се вели во годишниот Извештај за човековите права за 2015 на Стејт департментот на САД, објавен вечерва.
„Најважниот проблем со човековите права произлегува од високото ниво на корупција и од неуспехот на владата целосно да го почитува владеењето на правото, како и од континуираните напори да се ограничи слободата на медиумите, мешањето во судството и селективното казнување на прекршителите. Политичкото мешање, неефикасноста, кронизмот и непотизмот, одолговлекувањето на процесите, кршењето на правото на јавно судење и корупцијата го карактеризираат судскиот систем. Во текот на годината, објавувањето на неовластено пресретната комуникација снимена од владините служби за разузнавање открија докази за политичко мешање во јавната администрација и медиумите, како и корупција на високо ниво“, се вели во Извештајот за човековите права во Македонија за 2015 на американскиот Стејт департмент.