Претседателот на Собранието Талат Џафери ја затвори расправата на конститутивната седница започната уште на 30 декември минатата година. Со 62 гласа „за“ избрана е Комисијата за избори и именувања чиј претседател е Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој не беше во салата. Според формулата, ВМРО-ДПМНЕ во таа комисија има 6 члена, СДСМ петмина и по еден пратеник од ДУИ и БЕСА.
Пред тоа Џафери ја затвори расправата за таа точка од дневниот ред бидејќи во салата немаше ниту еден пратеник. Даде пауза до 11 часот кога пратениците од парламентарното мнозинство дојдоа во салата и ја изгласаа Комисијата за избори и именување.
Со ова заврши маратонската седница што почна на 3о декември која ќе остане запаметена по организираниот напад на Собранието и крвавите настани од 27 април.
Во 12 часот продолжува седницата за избор на нова влада.