Реал Мадрид ќе се обиде да стане првиот тим што освоил две титули по ред во Лигата на шампиони кога вечерва (20.45ч.) ќе се сретне со Јувентус во финалето во Кардиф. Ниту еден клуб досега не го одбранил трофејот откако Купот на европски шампиони беше заменет со Лигата на шампиони во 1992 година, а последен тим што успеал да го направи тоа е Милан во 1989 и 1990 година.
„Тоа е целта што секој играч на Реал Мадрид сака да ја оствари. Сакаме да влеземе во историјата… Тоа е наша амбиција и, исто така, сон за нас“, изјави ѕвездата на Реал Кристијано Роналдо за УЕФА.
Реал, кој е рекордер со 11 титули во Лигата на шампиони, сезонава постигна најмногу голови во натпреварувањето – 32, но нивниот вечерашен противник Јувентус има примено само три гола на 12-те меча досега.
Јувентус, чиј голман Џанлуиџи Буфон може да стане најстариот освојувач на трофејот на возраст од 39 години, има две титули и шест загубени финалиња, вклучувајќи го и поразот од 1:0 од Реал Мадрид во 1998 година.
Стадионот во Кардиф, кој е со капацитет од 66 илјади места, одамна е распродаден, а стотици милиони други ќе го гледаат натпреварот на телевизија.