Премиерот Зоран Заев на вчерашната дебатна емисија на јавниот сервис МТВ рече дека имало барање за амнестија на врхушката на власта во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза.
„Во периодот од две и пол годишното траење на политичката криза, да, имаше отворени разговори за амнестија на врхушката на власта. Нормално, нема договор“, одговори премиерот Зоран Заев на прашањето дали имало барања за амнестија од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски.
Заев потенцираше дека правната држава и законот мора да важи подеднакво за сите.
„Убеденоста дека правната држава и законот мора да важи за сите, на крајот ја гарантира и оваа лузна која најверојатно ќе ја носам до крајот на мојот живот. Законот има да важи еднакво за сите. Па ако сака нека е мојот прв соработник, или мојот прв член на семејството кој е до мене“, рече Заев.
Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа со соопштение дека Заев лажел дека кој било од таа партија побарал каква било амнестија.