Веднаш да се стопира изградбата на рудникот Казандол во Валандово оти најголемите последици ќе ги трпи Богданци. Ова беше пораката на жителите од оваа општина, кои в недела излегуваат на референдум да се изјаснат дали се за или против рудници на нивната територија и поблиското опкружување. Граѓанската иницијатива „Спас за Богданци“ синоќа одржа трибина на која зборуваа повеќе професори и активисти, кои тврдат дека фунционирањето на рудникот во Валандово ќе предизвика огромни штети во Богданци пред се со прашината од рударскиот коп.
„Казандол е на површина од 1.500 хектари и ископ ќе има на територијата на Општина Богданци. Најстрашното е тоа што ветрот кој дува е северен од Валадново, според мерењата дури 80 проценти. И замислете сета прашина каде ќе дојде. Од првиот ден на минирање кое е планирано да стартува од ноември годинава, треба да дишеме воздух со ПМ честички и тешки метали кои предизвикуваат низа болести. Треба да ги осакатиме нашите деца“, кажаа активистите на „Спас за Богданци“ кои изминативе денови со сите можни начини се обидуваа да го анимираат населението за штетните последици од отварање рудници.
На трибината им се обрати и Ангел Наков од „Спас за Гевгелија“, еден од најгласните иницијатори да не се отвара рудник на планината Кожуф. Тој рече дека сега е време да се слушне гласот на граѓаните оти претходно никој не ги прашал за важни работи како што е чиста животна средина загарантирана со Устав.
„Ако дозволиме и не излезете да гласате, верувајте дека ќе си го изгубите овој воздух, ќе ги загубиме сите надземни и подземни води, ќе ги изгубиме нивите и земјоделското производство оти прашината ќе паѓа врз нив, ќе мора да се иселиме и ќе нѐ проколнат сите внуци оти ништо не сме направиле. Затоа треба да излезете на 11 јуни и да гласате против рудниците на смртта“, рече Наков.
Деновиве, за отварање на рудникот Казандол реагираа и од Федерацијата на фармери (ФФРМ), според кои на удар може да бидат околу 13.600 хектари обработливо земјоделско земјиште. Тие дадоа подршка за референдумите и побараа во иднина за вакви проекти да бидат консултирани и земјоделските здруженија.
„Да се размисли добро при самото одлучување, бидејки со отварањето на Казандол ќе се направат негативни ефекти врз земјоделството, посебно врз органското производство и доколку не се применат мерки за соодветна заштита, штетите ќе бидат големи посебно врз почвата“, предупредија од ФФРМ.
Рударскиот комплекс Казандол и понатаму се гради и досега се изградени над 30 отсто од предвидените работи. Наесен тој треба да почне со ископ и производство на катоден бакар. Инвеститорот тврди дека и понатаму се шират невистини за нивниот процес на работа, потенцирајќи дека овој рудник воопшто нема да ја загадува животната средина, а камоли да наштети на земјоделското производство во Валандово и Богданци.
„Остануваме на ставот дека нашиот проект нема да има штетни емисии што значи дека нема да има загадување. Нашата работа ќе биде во согласност со еколошките норми и стандарди и македонската законска регулатива“, кажаа од украинско-британската компанија „Сардич МЦ“ која лани во август ја почна изградбата на комплексот.
Во раководството на компанијата како неизвршен директор и акционер е и Ацо Спасеноски, поранешниот министер за земјоделие од 2006-2009 од Социјалистичка партија, а потоа и амбасадор во Украина.
Од ОИК на Богданци која треба да го спроведе референдумот велат дека подготовките се завршени и в недела ќе бидат отворени сите 12 избирачки места на кои околу 7.000 жители на Општина Богданци ќе имаат право на референдумско изјаснување за или против рудници.
За Казандол, на 18 јуни на референдум ќе излезат и жителите на Општина Дојран, а во постапка за референдум се и валандовчани.
В. ТРАЈКОВ