Грција избегна уште една можност да банкротира, откако направи договор со европските кредитори да го премости долгот до крајот на годината, и доби гаранции дека исплатата ќе биде олеснета кога ќе застане на нозе, по речиси цела деценија финансиска помош за одржување во животот.
По неколкумесечни преговори што предизвикаа страв за нова ескалација на грчката должничка криза, еврозоната од 19 држави синоќа се согласи да и даде на Грција 8,5 милијарди евра откако грчката влада спроведе низа реформи. На Грција итно и се потребни парите бидејќи следниот месец треба да исплати голема рата од кредитите.
Можеби поважно на подолг рок е што таканаречената Еврогрупа изјави дека е спремна да го олесни товарот на исплатата на долгот на Грција по завршувањето на сегашната програма за финансиска помош, која завршува следната година. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) исто така можеби ќе влезе финансиски, но само со 2 милијарди долари, иако тоа се уште не е прецизирано. Самиот факт дека договорот не е одложен, им дозволи на инвеститорите да здивнат, а главниот берзански индекс на Атина порасна за 1,5 проценти во денешното тргување на берзата.