НА 23 ЈУЛИ РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО ДОЈРАН, НО НЕ И ПРОТИВ КАЗАНДОЛ

    НА 23 ЈУЛИ РЕФЕРЕНДУМ ПРОТИВ РУДНИЦИ ВО ДОЈРАН, НО НЕ И ПРОТИВ КАЗАНДОЛГрадоначалникот Борче Стамов (десно) првата одлука за референдум одби да ја потпише со оправдување дека немал мандат кога била донесена (Фото: СДК.МК)

    Советниците на Општина Дојран повторно донесоа одлука да се распише референдум за или против отварање рудници во нивната општина, откако првата одлука не ја потпиша градоначалникот Борче Стамов со оправдување дека немал мандат кога била донесена. Членовите на Советот едногласно одлучија референдумското изјаснување на жителите од Општина Дојран да биде на 23 јули, при што граѓаните ќе се изјаснуваат за едно прашање: „ Дали сте за или против отварање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Дојран?“. Ова значи дека дојранчани нема на референдум да се изјаснвуаат дали се за стопирање на рудникот Казандол во Валандово.

    „Доколку граѓаните на Дојран се изјаснат позитивно на референдумот дека се против отварање рудници на нивна територија тоа значи дека се и против рудникот Казандол“, кажаа советниците кои цел час се натегаа да ја стават точката за референдум на дневен ред, па уште толку се натегаа на координација со какво референдумско прашање да излезат.

    Инаку, во првата одлука за референдум што ја донесоа советниците на Дојран од 12 мај, тие предложија две референдумски прашања: „Дали сте за или против продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс Казандол?“ и „Дали сте за или против отварање на рудници за металични минерални суровини на териториторијата на Општина Дојран?“.

    Со овие две прашања референдум требаше да има вчера, но градоначалникот Стамов не ја потпиша одлуката ниту пак ја објави истата во Службениот гласник на Општината. Тој под притисок на јавноста одговори дека не ја потпишал бидејќи во тој период бил само технички градоначалник, без право да става потписи на било какви одлуки.

    Советот на општината денеска расправаше и за финансиската конструкција за одржување на рефрендумот на 23 јули при што одлучија тој да се организира со околу еден милион денари кои ќе бидат обезбедени од општинската каса.

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира