Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје нема платено вода за околу три години, појасни ЈП„Водовод и канализација“ откако министерот за здравство Арбен Таравари синоќа во дебатна емисија кажа дека клиниките имаат десетгодишен долг за вода. Од „Водовод“ не кажуваат за колкава сума пари станува збор.
„Долгот на Клинички Центар кој не е плаќан не е за 10 години, туку вкупно по месеци кога ќе се собере е за околу 3 години. Сите сметки кои не биле платени ЈП ’Водовод и канализација – Скопје’ ги има утужено навреме. Најстара сметка која е тужена е од 02.2010 година“, велат од „Водовод“.
И од Министерството за здравство не кажаа колку изнесува долгот. Од таму ни рекоа дека ги собираат сите информации за да излезат со точна бројка.
Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров е недостапен да објасни зошто дозволил Клиничкиот ценар да има неплатени сметки за вода. Тој беше министер за здравство последниве шест години, односно од 2011 година, период во кој на име здравство беа потрошени милиони евра.
На само неколу дена пред да стапи во служба новата Влада, Тодоров на 19 мај како технички министер потпиша договор за изградба на нов клинички центар во Скопје, во вредност од 72 милиони евра.