ИСТРАГА ПРОТИВ ТРИ ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦА ОД ПРЕД ТРИ ГОДИНИ

    ИСТРАГА ПРОТИВ ТРИ ЛИЦА ОСОМНИЧЕНИ ЗА ХЕЛИКОПТЕРСКАТА НЕСРЕЌА ВО СТРУМИЦА ОД ПРЕД ТРИ ГОДИНИНа 10 јули 2014 година при тренажен ноќен лет во Струмица кај индустриската зона Север, се урна хеликоптер сопственост на МВР. Во несреќата загинаа пилотите Драги Мицев, Иљо Лопатички, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков.- архивска фотографија од местото на настанот по несреќата (Фото: В. Трајков)

    Речиси три години по хеликоптерската несреќа во Струмица, во која загинаа четворица пилоти на МВР, Јавното обвинителство  отвори истрага против три лица за кои се сомнева дека имаат одговорност за уривањето на хеликоптерот Ми 17.  Од Обвинителството не сакаат да откријат  кои лица се опфатени во истрагата или пак  од кои институции доаѓаат, но информираа дека и понатаму ќе работат на собирање на докази.

    На 10 јули 2014 година при тренажен ноќен лет кај Кванташки, во Струмица кај индустриската зона Север, се урна хеликоптер  сопственост на МВР. Во несреќата загинаа пилотите  Драги Мицев, Иљо Лопатички, Марјан Трајковиќ и Тоде Орешков.

    ,,Бројните прибрани докази и извршени анализи до овој момент, укажуваат на основано сомнение дека трите лица извршиле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Надлежниот јавен обвинител и во текот на истрагата ќе продолжи да прибира податоци и докази, како и да сослушува сведоци кои ќе помогнат за целосно расветлување на случаjот. Ќе бидат сослушани и осомничените лица“ се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

    Ниту пак во Основното јавното обвинителство во Струмица каде се води случајот не сакаа да конкретизираат кои се осомничените лица за кои е отворена истрага. Сè што требало да се каже за овој случај било напишано во издаденото соопштение, во кое е наведено дека надлежниот јавен обвинител по издадена наредба, обезбедувал докази од лице место, од остатоците на хеликоптерот, од  очевидци но и од  контролорите за лет – вработени во МВР во Скопје

    Очевидци од кобната ноќ тогаш тврдеа дека хеликоптерот летал неконтролирано, ниско, со невообичаен звук, а не бил и осветлен. Удрил  со перките во 120 метарскиот антенски столб на Македонската радиодифузија и експлодирал кога паднал.

    Од она што беше досега познато од истрагата, антенскиот столб на Македонската радиодифузија во критичниот момент  бил осветлен, хеликоптерот исправен, а лабораториските анализи и обдукцијата на телата на починатите, покажале дека пилотите биле подготвени за тренажен лет. Црните кутии не помогнале да се откријат причините за несреќата.

    Во чест на загинатите пилоти,  лани во Струмица  беше избрано идејно решение за спомен обележје. Обележјето е човек ангел кој излегува од камен а во раце држи скршена перка од авторот Горан Ѓорев кој лани ја направи скулптурата висока 1,8 метри. Решението што се изработи било  прифатливо и за  најблиските на пилотите. Споменикот треба да биде поставен во паркот до домот на АРМ во Струмица

    В.ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира