УШТЕ НЕМА ОДЛУКА ЗА ПРИТВОР ЗА ВЧЕРАШНИТЕ БАРАЊА ОД СЈО, ДЕНЕСКА СТИГААТ НОВИ

    УШТЕ НЕМА ОДЛУКА ЗА ПРИТВОР ЗА ВЧЕРАШНИТЕ БАРАЊА ОД СЈО, ДЕНЕСКА СТИГААТ НОВИПретседателот на Основниот суд Скопје Стојанче Рибарев вели дека рокот од 24 часа да донесат одлука ќе биде најверојатно пробиен за неколку часа, бидејќи се работи за огромен број предмети и особено доказен материјал

    Судиите од Основниот суд Скопје 1 кај кои беа распоредени 17-те обвиненија што ги поднесе вчера Специјалното обвинителство работат на предметите и сѐ уште нема ниедна одлука по 18-те барања за притвор, вели за САКАМДАКАЖАМ претседателот на Основниот суд Скопје Стојанче Рибарев.

    Рокот од 24 часа да донесат одлука ќе биде најверојатно пробиен за неколку часа, вели тој, бидејќи се работи за огромен број предмети и особено доказен материјал.

    „Ако кривичниот совет донесе одлука за некое од барањата за притвор, јавноста веднаш ќе биде известена“, вели Рибарев.

    За денеска СЈО најави дека дополнително ќе ги носи обвиненијата со барање за притвор за предметите „Таргет“ и „Тврдина“, за тоа кој и зошто незаконски со години прислушувал илјадници граѓани. Ќе се носат паралелно и кутиите со докази. За 14 часот е најавено и поднесувањето обвинение со доказниот материјал и за проширениот дел од предметот „Титаник“.

    За „Тврдина“ и „Таргет“, кои СЈО ги спои во еден предмет, СЈО бара притвор за Сашо Мијалков, Горан Грујовски, Тони Јакимовки и за уште двајца вработени во МВР.

    За „Титаник 3“, се бара притвор за Исмет Гури и за координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Аљими.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира