За барањата мерки притвор за експремиерот Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет Мартин Протоѓер, поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски и за ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1 го проби рокот за одлука. Обвиненијата и доказниот материјал за случајот „Титаник“ беа донесени во судот во петокот навечер и заверени во архивата во 21.40 часот. Одлуката требаше да се донесе за 24 часа, но денеска Кривичниот суд соопшти дека тоа ќе се случи дури утре, понеделник.
„Титаник“ е првиот случај што го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и во неговиот основен дел се обвинети 20 лица, на чело со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тој е обвинет за злосторничко здружување, злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања и за повреда на избирачкото право.
Протоѓер, освен за злосторничко здружување и за злоупотреба на изборната кампања, обвинет е и за повреда на слободата на определување на избирачите. Божиновски, за кого исто така се бара притвор, покрај за злосторничко здружување, обвинет е за злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања.
Најмногу кривични дела од овие петмина за кои се бара притвор, им се ставаат на товар на Јанкулоска и Јанакиески. Освен за гореспоменатите дела, тие се обвинети и за за злоупотреба на службената положба и овластувањата, како министри за внатрешни работи и за транспорт и врски.
С. К. ДЕЛЕВСКА