Нов земјотрес од 4 степени по европската макросеизмичка скала утринава беше почувствуван во Охрид 11.29 часот. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, повикувајќи се на податоци од Скопската сеизмолошка опсерваторија, епицентарот бил на 8 километри источно од Охрид на длабочина од 3 километри.
По земјотресот, граѓаните ги напуштаа своите домови и чекаа на улица, а во делови од градот снема струја, најверојатно, бидејќи се вклучил системот за автоматска заштита.
„Летаа чаши и делови од опремата. Гостите во паника бегаа надвор, тресеше многу страшно. Ова досега не сум го доживеал”, кажува сопственик на кафуле каде што бројни охриѓани и гости го пијат првото утиринско кафе.
Паника имаше и во повисоките згради во Охрид.
„Сите во миг избегавме од станот. Имав чувство дека секој час ќе се урне зградата. Тоа не беше само мое чувство, туку и на соседите во зградата. Сите слеговме во малото паркче”, вели вознемирена станарка на зграда во центарот на Охрид.
Охрид го тресат земјотреси околу 4 степени повеќе од две недели, а охридскиот екологист и координатор на Дримскиот проект Дејан Паноски, по серијата земјотреси побара да се испита вулканот во Косел во непосредна близина на Охрид.
„Мислам дека итно треба да се направат сондирања, испитувања за евентуална поместеност на подземни води и текови, испитувања во околните бунари и секако испитувања на гасот и евентуални течности во сулфетарата Косел“, смета Паноски.