Рекордна потрошувачка на вода беше регистрирана викендот во Битола кога беа измерени 40 степени Целзиусови. Од јавното претпријатие „Водовод“ соопштија дека се трошеле до 800 литри во секунда, што е незапаметено дури и за летниот период. Потрошените количини се двојно поголеми од просечната потрошувачка на вода во останатите периоди од годината која достигнува до 400 литри во секунда.
Директорот Горан Стефановски апелира до граѓаните да не се расфрлаат со вода, туку да ја трошат рационално за да не дојде до недостиг на вода кон крајот на летото.
„Засега немаме проблем иако е забележана рекордна потрошувачка, но мора да се постапува разумно зашто ако продолжи ваквиот тренд, прашање е дали во август и септември кога приливот на вода ќе биде послаб, ќе можеме да ги испорачаме потребните количини. Апелираме да не се расфрла водата. Ете, викендот скоро да немаше зграда или куќа во Битола каде не се прскаа дворови и бавчи со вода од градскиот водовод“, вели Стефановски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА