Одобрение итно да се ангажираат 30 медицински сестри со договор на дело и финансиска согласност да се вработат уште 60 медицински сестри побарал директорот на градската општа болница „8 Септември“ проф. д-р Сашо Стојчев од министерот за здравство Арбен Таравари на денешната средба во болницата.
Министерството за здравство соопшти дека денес министерот Таравари, заедно со заменик министерот д-р Гоце Чакаровски, ја посети ГОБ „8 Септември“.
„Министерот и заменик министерот остварија работна средба со директорот на установата. Во фокусот на разговорите на средбата беа можностите за надминување на моменталниот недостиг од средномедицински кадар во оваа јавна здравствена установа“, велат од Министерството за здравство.
Д-р Стојчев објаснува дека од министерот побарал на Влада да ги достави барањата од болницата итно да се даде финансиска согласност за ангажирање на 30 медицински сестри со договор на дело, како и финансиска согласност за редовно вработување на 60 сестри, бидејќи поради недостиг на средно медицински кадар повеќе од половина година затворени се четири хируршки сали и три одделенија. Тој објаснува дека итно им се потребни медицински сестри за да можат да пуштат во потреба барем една од затворените хируршки сали.
„Во моментов имаме една сала и за траума и за ортопедија, со тоа што еден ден е за ортопедски операции, а следниот ден за трауми. ваква болница со ваков интензитет на пациенти што прима не може да си дозволи да нема посебни сали за ортопедија и траума, затоа итно ни се потребни медицински сестри. Во моментов имаме доволно лекари и доволно анестезиолози, но немаме сестри инструментарки“, вели д-р Стојчев.
Тој објаснува дека со ангажирање на 30 сестри со договор на дело и со 60 нови вработувања ќе се реши дел од проблемот, бидејќи реално им недостигаат 180 луѓе од средно медицински персонал.
„На министерот прво му го покажавме Ургентниот центар, каде турбо се работи, односно вчера имавме 135 пациенти во Ургентен. а денес 123. Побаравме да ни помогне Службата за итна медицинска помош да прави тријажа на пациентите што ни ги носи, бидејќи не сите пациенти што доаѓаат во Ургентниот центар навистина се итни пациенти. Во Ургентниот центар имаме три амбуланти и можеме да сместиме десетина пациенти и кога има волку голем број што бараат итна услуга, може да се случи прегледувајќи не толку итен случај да се пропушти некој кој не може да чека“, вели проф.д-р Стојчев.