СУДОТ НЕ КАЖУВА КОЈ ДЕН ТРЕБА ДА СЕ ПРИЈАВУВА ГРУЕВСКИ ОТИ ТОЈ НЕ САКА ДА СЕ СЛИКА

    СУДОТ НЕ КАЖУВА КОЈ ДЕН ТРЕБА ДА СЕ ПРИЈАВУВА ГРУЕВСКИ ОТИ ТОЈ НЕ САКА ДА СЕ СЛИКАЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ на судењето за нарачаните шамари и за нападот врз општина Центар, каде што обвинителството го застапува Фатиме Фетаи не дозволи сликање во судницата, а судијката тоа му го прифати - од судењето на 16 декември минатата година (Фото: СДК.МК)

    Основниот суд Скопје 1 за поранешната министерка Елизабета Канческа Милевска и поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски конкретно соопшти кој ден треба да доаѓаат да се пријават на шалтерот во судот, исто како и за сите други обвинети во случаите на СЈО на кои им беа одредени мерки на претпазливост, со исклучок на експремиерот Никола Груевски и другите обвинети во случајот „Титаник“.

    Во серијата соопштенијата што ги издаде Кривичниот суд по повод барањата за мерки притвор од страна на Специјалното обвинителство, за Канческа Милевска стои дека секој понеделник треба да доаѓа во судот и да се потпишува дека е тука. За Пешевски, кому исто така му беше одземен пасошот во замена за мерката притвор, наведено е дека секој вторник треба да се јавува во Судот, исто и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, обвинет во случајот ТНТ за уривање на Космос на Фијат Цаноски.

    Судот извести и дека бизнисмените и новинари Ивона Талевска и Драган Павловиќ-Латас, како и неговите двајца браќа, треба да се јавуваат секој понеделник во Судот и да го потврдат своето присуство.

    Но, исклучок Кривичниот суд прави кај обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кај Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер, Сашо Мијалков, Горан Грујовски, Тони Јакимовски, обвинети во „Титаник“ и во „Таргет“ (и „Тврдина“). Од Судот за САКАМДАКАЖАМ.МК појаснуваат дека на овие обвинети лично им е соопштено кој ден треба секоја недела да доаѓаат и да се потпишуваат во Судот.

    Груевски, Јанакиески и Грујовски не сакаат да бидат фотографирани во судот. И покрај тоа што новинарите досега имаа уредни дозволи од Врховниот суд за фотографирање, никогаш судијката Татјана Михајлова која го води судскиот процес за насилствата и шамарите во Центар, не дозволи да се фотографираат обвинетиот Никола Груевски и останатите обвинети, бидејќи, како што кажа, тие не сакале да бидат фотографирани.

    Исто како неа се однесува и судијката Лидија Петровска, спомената во бомбите како „сваровски судијка“. И таа не дозволува да се фотографира на судење обвинетиот во „Тврдина 2“ ексначалник на Петтата управа во МВР Горан Грујовски, бидејќи и тој не дозволувал сликање.

    Според Законот , сите обвинети кои добија мерки за претпазливост одземање на пасошите, ќе мора во точно одреден ден да се јавуваат на еден од шалтерите зад холот во Основниот суд Скопје 1 на приземјето. Секој службеник покрива по 2-3 судии. Груевски, Мијалков, Јанкулоска, Јанакиески, Пешевски и останатите со изречени мерки за претпазливост, во денот што им е одреден од кривичниот совет, се пријавуваат и се потпишуваат на шалтерот на судијата кај кој се паднало нивното обвинение.

    На прашање дали некој од лицата со одземени пасоши може со лична карта, со странски или со дипломатски пасош може да ја напуштат или да избегаат од македонија, ни рекоа дека тоа е невозможно, бидејќи нивните имиња, лични податоци и фотографии веќе ги имало во системот на граничната полиција.

    Пропуштање на обврска да се јават и потпишат на шалтер во Основниот суд Скопје 1 во деновите кои им ги одредил кривичниот совет, ќе значи одредување построга мерка против нив, а тоа е притвор, вели Законот за кривична постапка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира