Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот вели дека на политичките блокади и на маневрите за одолговлекување, како што ги видовме во периодот пред и по изборите на 11 декември, мора конечно да се стави крај. Во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК. Рот, кој на почетокот на мај кажа дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски го потроши сиот кредит и Македонија, која некогаш беше пример за приближување кон ЕУ, од таа цел се оддалечува и довербата градена со години се прокоцкува, од денеска е во Скопје на средби со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
На што се должи засилениот ангажман на Германија во однос на Македонија во периодот по изборите на 11 декември?
Германија постојано ја поддржуваше пјР Македонија на нејзиниот пат во правец кон евро-атлантските структури. Ние тоа ќе го чиниме и понатаму. По парламентарните избори во декември 2016 година конечно е конструирана нова Влада која е способна за делување. Сега е важно: одлучно да се започне со итно потребните реформи во правосудството, медиумите, јавната администрација, како и со борбата против корупцијата. Сето тоа е многу обемно и не може да се смета за прошетка. Но, Скопје може да смета на тоа дека ние заедно со европските и меѓународните партнери ќе стоиме на располагање за помош. Во наш интерес е, земјата повторно да се најде на евро-атлантскиот пат. Затоа, брзо мора да се спроведат реформите и содржините од извештајот на Прибе. На политичките блокади и на маневрите за одолговлекување, како што ги видовме во периодот пред и по изборите, мора конечно да се стави крај. Одговорните енормно ѝ наштетија на земјата и пред сè на граѓанките и граѓаните.
Што конкретно Германија ќе стори за да го откочи закочениот процес на евроинтеграција на Македонија?
Заедно со нашите партнери од ЕУ помагаме каде што можеме. Меѓутоа политичката волја мора да дојде од самата земја. Како политичкото водство, тука мислам на владата и на опозицијата, така и општеството мора да дадат свој придонес. За среќа анкетите покажуваат дека приближувањето на пјР Македонија се поддржува од повеќето граѓани. Земјата има витално цивилно општество – а новата влада сега сака овој глас посилно да го вклучи во процесот на изградувањето на политичката волја. Тоа е добро така. Ние сме во контакт со сите македонски актери, и оние од опозицијата. Покрај тоа ја нудиме, заедно со ЕУ и со меѓународната заедница, нашата помош при имплементацијата на овие реформи.
Сите земји од Западниот Балкан имаат перспектива за пристап. Од таа причина дополнителен ангажман не е замена за пристапувањето. Но, со иницијативи како Берлинскиот процес или, сосема актуелно, стратегијата „Берлин-Плус“ сакаме да го забрзаме процесот на приближување. Посебно на младата генерација во земјите од Западен Балкан ѝ е потребна дофатлива перспектива за иднината. Овде се работи особено за подоброто вмрежување на регионот за да ги зајакне економските изгледи. Веќе оваа недела имаме можност да разговараме за ова со сите партнери во Трст.
Силниот германски ангажман треба да се гледа и во регионален контекст: Министерот за надворешни работи Габриел ја претстави стратегијата на Сојузната Влада за Западниот Балкан, „Берлин-Плус“. Нејзина цел е да го забрза приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ како такво, но и нивната меѓусебна интеграција. Посилно вмрежување им помага на соодветните држави на нивниот пат кон ЕУ и, доколку е посакувано, и кон НАТО.
Дали напорите на Германија ќе се однесуваат со дипломатска акција кон Македонија, или и кон земјите во ЕУ, особено Грција која ја блокира евроатлантската ингеграција?
Првите чекори на новата влада се многу охрабрувачки. Ги поздравувам посетите на претседателот на владата на Софија и министерот за надворешни работи на Атина. Постои шанса повторно да се придвижат закочените дијалози. Пред сè зависи од непосредните учесници да изнајдат нови патишта и конструктивни решенија, но ние се разбира дека и во овој случаj стоиме на располагање за совет, доколку сите учесници во процесот го посакуваат тоа. Секако не е само во интерес на пјР Македонија, туку и во интерес на цела Европа, конечно да се решат отворените прашања.
Дали Германија може конкретно да помогне со правна помош да се процесуираат случаите на Специјалното јавно обвинителство за тие да можат да добијат судска завршница?
Германија од самиот почеток го поздравуваше и поддржуваше поставувањето и работата на Специјалното јавно обвинителство. Целосното разјаснување на сè уште постоечките обвинувања за злоупотреба на моќта под владата на ВМРО и нејзиниот тогашен коалиционен партнер се задолжителни, за да се врати довербата на граѓанките и граѓаните во државните структури.
За да се провери како би можела да изгледа една таква поддршка, на 27 јуни од Европската Комисија повторно беше испратен д-р Рајнхард Прибе, за да добие јасна слика од актуелната ситуација. Има разновидни други активности за поддршка на реформите во централната област на правосудството од страна на ЕУ, САД и други актери. Така, на пример, од Германија соработнички и соработници на Фондацијата за меѓународна правна соработка се на сондажни разговори во Скопје.
Од политичката криза и 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ Македонија излегува како длабоко поделено општество. Каков би бил советот на Германија за националното помирување и заздравување на општеството?
Поделби настануваат кога политичкото водство на една земја еднострано ги застапува или наводно ги застапува интересите и желбите на еден дел од општеството, додека другиот дел или не се чувствува застапен од него или само лошо застапен. Овде не се работи само за етничката, туку и за социјалната компонента. За да се започне „национално“ помирување, би требало да се фокусираме на надежите, желбите и интересите кои ги поврзуваат сите Македонци и Македонки: социјален мир, социјална правда и стабилна економија за растечка благосостојба и демократски придонес за сите граѓанки и граѓани. Најдобриот пат е враќањето на патот кон евро-атлантското приближување.
Конечно ни е потребен фер политички натпревар помеѓу партиите и способност за соработка во врска со натпартиски прашања. Во Скопје одново ќе мора да се научи конструктивна заемна интеракција помеѓу владата и опозицијата.
Дозволете ми уште еднаш да се навратам на самитот во Трст: таму ќе се разговара и за младинска размена. Младинската организација за регионот (RYCO) мора конечно да започне со работа! Предусловите веќе беа создадени на минатогодишниот самит во Париз. RYCO се потпира на германско-францускиот модел: помирувањето ја вклучува и сопствената младина, но ги надминува националните граници. Многу се надевам дека RYCO ќе биде модел за успех – и тоа за целиот регион.
Премиерот Зоран Заев најави дека до крајот на годинава Македонија може да влезе во НАТО. Ги поправи односите со Бугарија и го обнови дијалогот со Грција. Дали сметате дека оптимизмот на македонскиот премиер Зоран Заев има основа?
Еланот на новата влада е импресивен. Се надеваме дека наскоро ќе бидат видливи и првите конкретни резултати – внатре во државата како и во односите со соседите. Сè уште е премногу рано за да може да се дадат конкретни изјави во врска со тоа. Но, се разбира дека е секогаш добар и охрабрувачки знак, кога се разговара меѓу себе, се приближува еден кон друг и заеднички конструктивно се бараат решенија. Токму така го проценувам моменталното „одмрзнување“ помеѓу Македонија, Бугарија и Грција. И посредникот на ОН во спорот со името, Метју Нимиц, по неговата средба со министерот за надворешни работи Димитров на 3 јули, го поздрави скорешното воспоставување на контакти помеѓу Скопје и Атина.
Со кого планирате да имате средби и какви се вашите очекувања од тие средби?
Ќе се сретнам со членови на владата – конкретно со претседателот на Владата Заев и министерот за надворешни работи Димитров. Но, сакам да водам и разговор со опозицијата. Очекувам добри, суштински средби, кои ќе ги остават зад себе конфликтите околу изборот на Собранието и составувањето на Владата. Сега сите во потполност мора да се концентрираат на напредокот на државата и на нејзините граѓанки и граѓани. Стагнацијата од изминатите месеци ја ослабе земјата. Покрај средбите со политичари, се радувам и на средба со претставници од цивилното општество.