Автомобили и трактори минуваат низ новата патека која Општина Ресен ја најави како пешачко-велосипедска, изградена крај Преспанското Езеро тргнувајќи од Претор, преку Сливница до Крани. Дел од туристите наместо по околниот регионален пат, возат по велосипедската патека за да стигнат од соседните туристички населби. Таа е тесна и собира едно возило, па кога две ќе се пресретнат, едниот автомобил се качува на пешачкиот дел. Ова ги вознемирува пешаците, кои коментираат дека ако продолжи понатаму ваквото возење можно е да ги оштети новите бекатон плочки на патеката.
„Преспа доби шеталиште, убаво е за пешачење и за возење велосипед, но мира немаме од возила посебно преку викенди, крстарат низ патеката. Од Општина Ресен во неколку наврати ни најавија дека ова ќе биде пешачко-велосипедска патека“, вели туристот Силјан Ноневски во Претор.
Возачите кои ги затекнавме со автомобили низ патеката, се правдаа дека никаде не виделе знак дека таму е забрането да се движат со возила. При нашата проверка на почетокот од патеката кај Претор не наидовме на сообраќаен знак кој најавува дека е наменета за пешаци и велосипеди, ниту дека е забранета за возила. Поставен беше само еден знак за завршеток на зоната во која е ограничена брзината на 30 километри на час. Таблата на која пишуваше дека патеката околу Преспанското Езеро ја градеше Министерството за транспорт и врски ја најдовме турната на земја.
Местото го посетивме неколку пати, но ни еднаш не наидовме на сообраќајна полиција да воведе ред во движењето.
На неколку десетици метри од новата патека има друга земјена која исто така ги поврзува Претор со Сливница, но поради нерамнините и прашината што се дига возачите ја избегнуваат. Новата пешачко-велосипедска патека минува непосредно пред влезовите на десетина викендички, чии сопственици мора да поминат низ дел од патеката за со возилата да стигнат до нивните објекти. Дури и да го користат земјениот пат подолу, на крај за да стигнат до викендичките ќе мора да поминат низ новата патека.
Градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски преку група медиуми кои деновиве беа поканети на настан во Преспа на почетокот на туристичката сезона, испрати апел да не се вози низ новите патеки крај езерото.
„Наменети се за пешаци и велосипеди, но еве на самиот старт по нив почнуваат да се движат автомобили, трактори и тешки возила. Да апелирам до оние кои не се навремено информирани и сите оние кои се дрзнале во изминатиот период со тешки возила да минуваат, да им кажам дека овие патеки се наменети за велосипеди и пешаци зашто и инфраструктурата од канделабри, клупи поставена околу нив покажува за кого се“, рече Стрезовски.
Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК не беше поканета на настанот, па моравме нашите прашања да ги поставиме на писмено до Општина Ресен.
На прашањето дали ќе побараат асистенција од полицијата во сопирање на возачите, од Општина Ресен ни одговорија дека пријавиле конкретен случај, но дека „нормално за секое нарушување конкретно не можеме да се јавуваме во полиција.“ Во одговорите ни напишаа дека поставиле повеќе столпчиња, па така сега возачите не можеле да возат низ пешачката патека, освен ако не ги откорнат.
Според Општината, викендиците во Претор не се засегнати од патеката. На прашањето дали ставиле сообраќаен знак за намената на патеката, велат дека сѐ уште стоела таблата од изведувачот со назив што се гради.
Ж. ЗДРАВКОВСКА