Дебармаалци организирани во граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ во Скопје подготвуваат тужба за градоначалникот на Општина Ценар Андреј Жерновски, кој две години не одговара на доставените забелешки за плановите и со тоа го крши Законот за просторно и урбанистичко планирање со кој се утврдува постапката за изработка на урбанистички планови. Здружението најавува дека сериозно се размислува за тужба не само за градоначалникот туку и за Општина Центар како институција која ги занемарува нивните забелешки.
„И покрај забелешките за катастрофалните планови, градоначалникот Жерновски и раководството изминативе години непречено усвојуваат неиздржани нацрти за ДУП-ови, издаваат одлуки за градба во отсуство на солидна планска програма и ажурирани податоци од терен, ги инструментализираат иницијативите на жителите и ги игнорираат аргументираните и експертски забелешки. Нетранспарентни одлуки, спротивни на граѓанскиот и општ интерес и на демократските принципи, се само дел од забелешките што иницијативата Во одбрана на Дебар Маало веќе две и пол години ги упатува на адреса на Општината во раководство на градоначалникот Андреј Жерновски. Меѓу спорните четврти се тие за Градски Парк 1 и Дебар Маало 2 (3 12), Дебар Маало 1 и дел од Дебар Маало 2 (3 10 ) и Буњаковец 1 и Буњаковец 2 (3 11)“, велат од „Во одбрана на Дебар Маало“.
Дел од забелешките на кои дебармаалци два месеци немаат одговор се оние за најавената нова спортска сала за КК„Работнички“ во Градски парк, која е заедничко добро за сите граѓани. Тие забележаа дека немаше никаква објава и расправа за парцелата сопственост на фирмата „Бауер БГ“ која го градеше „Скопје 2014“ оти парцелата од катна гаража е пренаменета во спортска сала. Здружението бара градоначалникот прецизно да каже на кои парцели ќе се прошири салата и праша дали ќе биде засегнато сегашното зеленило, а побара и сообраќајна студија за овој дел од градот која би покажала дали постоечката сообраќајна инфраструктура може да го издржи се предвидениот нов сообраќај.
„Одлуката да се гради се донесува и покрај забелешки од жители доставени во декември 2015 и јануари 2016 со анкетни ливчиња и на средба со градоначалникот за оваа парцела, но и за севкупниот нацрт ДУП за градска четврт 3 12 Градски парк 1 и дел од Дебар Mаало 2, е несфалтива и бараме објаснување. Едно е јасно, ДУП-от 3 12 не задоволува услови за похумано живеење, една од целите на урбаното планирање уредено со чл.2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање“, сметаат дебармаалци.
Без одговор остана и нивниот предлог за мораториум за градење во Дебар Маало сè до утврдување на сите неправилности во плановите. Тие побараа овие проблеми да се стават како точка и на седница на Советот на Општина Центар, но и по три месеци немаат одговор од Општината и за ова барање.
„Целта на тужбата е да се смени долго воспоставената недемократска пракса на урбано планирање и урбаниот развој да почне да се планира со јасна стратегија и визија во интерес на сите што живеат и работат во Центар. Во период кога погледите се свртени кон иднината на објектите од проектот Скопје 2014, Здруженето ја известува јавноста дека процесите и начинот на урбанистичко планирање што доведоа до еден ваков катастрофален проект се олицетворуваат и во начинот со кој раководството на Општина Центар продолжува да планира и гради во градски четврти низ Општината“, велат дебармаалци.
Е. БОЧВАРОСКА