МИ ТРЕБА ПАСОШОТ ОТИ РАБОТАМ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ОБВИНЕТИОТ ВО „ТИТАНИК“ МУНИР ПЕПИЌ

    МИ ТРЕБА ПАСОШОТ ОТИ РАБОТАМ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ, КАЖА ОБВИНЕТИОТ ВО „ТИТАНИК“ МУНИР ПЕПИЌМунир Пепиќ, кој е обвинет за злосторничко здружување и за повреда на гласачкото право во случајот „Титаник“ на СЈО, сега е вработен во Агенцијата за разузнавање под надлежност на претседателот Ѓорге Иванов. (Фото: СДК.МК)

    Мунир Пепиќ, обвинет за злосторничко здружување и за повреда на гласачкото право во случајот „Титаник“ на СЈО, си го побара назад пасошот денеска од Апелациониот суд Скопје, зашто сега бил вработен во Агенцијата за разузнавање и му бил потребен зашто, како што рече, работи за безбедноста на граѓаните на Македонија. Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски на ова пред Судот одговори: „Поради цврстите врски на обвинетиот Пепиќ со граѓаните од Пустец и неговите цврсти врски со Гораните, ова обвинителство бара пасошот да му остане во Судот”.

    Одбраната изнесе факти дека Пепиќ се јавувал редовно во истрагата и оти нема основ да му остане оваа мерка на претпазливост, оти тој вршел оперативни работи во странство за безбедноста на Македонија.
    „Вака како што е ова барање поставено и според тежината на делата за кои што е обвинет Пепиќ, уште и за шпиунажа ќе одговараме. Нека остане пасошот во Судот, сепак”, побара Бубевски.

    Пред него и Киро Тодоровски, поранешен шеф на кабинетот на Гордана Јанкулоска, кој исто како и Пепиќ, по отворањето на истрагите од СЈО добил трансфер од МВР во Агенцијата за разузнавање, која што е под надлежност на претседателот Ѓорге Иванов, го побара пасошот да му биде вратен. И тој вршел оперативно разузнавачки работи во странство, па му требал пасошот.

    „Бидете уверени дека ниедна држава не сака меѓународни активности да има вработен кој е обвинет за злосторничко здружување и повреда на избирачко право“, рече специјалниот обвинител Бубевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира