И ДОЈРАНЧАНИ СЕ ИЗЈАСНИЈА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИЦИ И ЗА СТОПИРАЊЕ НА КАЗАНДОЛ

    И ДОЈРАНЧАНИ СЕ ИЗЈАСНИЈА ПРОТИВ ОТВОРАЊЕ РУДНИЦИ И ЗА СТОПИРАЊЕ НА КАЗАНДОЛСпоред првичните неофицијaлни информации, излезноста на референдумот била 50,9 отсто, а над 95 отсто се изјасниле против отворање рудници во нивната општина. - Од денешното гласање во Дојран

    Жителите на Дојран се изјаснија дека се против отварање рудници во нивната општина, а побараа и стопирање на работата на рударскиот комплекс „Казандол“ во соседната општина Валандово. Ова е епилогот од денешното референдумско изјаснување во Дојран каде што едвај беше исполнет законскиот цензус за тоа да биде легитимно. На осумте избирачки места, според првичните неофицијaлни информации на иницијаторите на референдумот, излегле да се изјаснат околу 1.400 жители што е 50,9 отсто од запишаните граѓани со право на глас во Дојран.

    Според истите информации, над 95 отсто од излезените граѓани се изјасниле против отворање рудници во нивната општина, односно да не се отвора рудник на локалитетот „Башибоз“ кај селото Николич за кој што е издадена концесија за детални геолошки истражувања од страна на државата. Дојранчани се изјаснија и да се стопира на изградбата на рударскиот комплекс „Казандол“ кај Валандово.

    Од општинската изборна комисија на Дојран потврдија дека референдумот е успешен и дека дојранчани се изјасниле против отворање рудници и против продолжувањето со работа на „Казандол“, но конечните резултати по двете референдумски прашања ќе ги соопштат подоцна вечерва .
    Резултатите од локалниот референдум во Дојран треба да ги верификува Советот на општината и истите ќе бидат доставени до Владата и ресорните министерства.

    „Со овој референдум е исправена една неправда, бидејќи нас никој не нѐ праша дали сакаме овде да има тешка и загадувачка индустрија. Се знае кои се ресурсите на овој крај, препознатлив по земјоделството и туризмот. Мислам дека никој не треба да ја игнорира волјата на дојранчани изразена преку ова референдумско гласање“ кажа еден од граѓаните на Дојран кои ги затекнавме на гласачките места.

    Дојран е третата општина која што се изјаснува за или против рудници во југоистокот. Гевгеличани во април се изјаснија против отворање рудник за злато на планината Кожуф. Минатиот месец, жителите на Богданци кажаа не за отворање рудници и побараа и стопирање на изградбата на комплексот „Казандол“ за кој што на референдум ќе се изјаснуваат и жителите на Валандово на 20 август.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира