СУДИИТЕ ИМ ДАДОА НЕДЕЛА ДЕНА НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ДА НЕ ГИ НАЈДЕ ПОЛИЦИЈАТА

    СУДИИТЕ ИМ ДАДОА НЕДЕЛА ДЕНА НА ОБВИНЕТИТЕ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ ДА НЕ ГИ НАЈДЕ ПОЛИЦИЈАТАВрховниот суд вчера ја потврди одлуката на Апелациониот суд за одредување мерка притвор за ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујовски. -Грујовски (лево) пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: Мета)

    Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд  им дадоа недела дена на обвинетите Горан Грујовски и Никола Бошковски можност да не бидат дома кога полицијата ќе дојде по нив да ги спроведе во притвор. Осум дена тие не беа притворени, иако во Законот за кривична постапка пишува дека по изрекувањето на мерката тие веднаш и без одлагање треба да бидат притворени.

    Во Законот пишува: „Жалбата на обвинетите не го одлага спроведувањето на изречената мерка притвор“.

    Но, место да бидат притворени уште на 18 јули, веднаш штом тричлениот совет на Апелациониот суд Скопје на чело со претседателката Љиљана Шопова им ја изрече мерката, советот им даде пауза на Горан Грујовски, Тони Јакимовски и Никола Бошковски од недела дена. Тоа го направи со тоа што во решенијата за мерките притвор, кај секој напиша дека мерката ќе стапи во сила по правосилност на решението.

    Тоа значеше дека Апелациониот суд прави преседан и за разлика од сите останати обвинети лица со изречена најстрога мерка на претпазливост, не испрати налог до МВР веднаш тројцата да бидат спроведени во затворот Шутка, туку ги упати да се жалат до Врховниот суд.

    Првин два дена Апелациониот суд не можеше да им ги достави решенијата за притвор на Груевски, Бошковски и Јакимовски, обвинетите за незаконското масовно прислушување и за уништување и дробење на опремата со која што биле прислушувани илјадници граѓани. Основниот суд Скопје 1 тврдеше дека од Апелациониот суд Скопје немаат добиено ниту едно од решенијата за притвор и дека не е судот Скопје 1, тој што ја кочи доставата на тие решенија до обвинетите.

    Апелациониот и Основниот суд Скопје 1 се оддалечени на 15 метри.

    Кога ги добија, дури тогаш почна да течат роковите за жалба. Поднесоа жалби, па Апелациониот суд ги испрати до СЈО во петокот, а СЈО, само за да не продолжи почнатиот застој во комуникацијата со обвинетите кој беше во тек, веднаш испрати одговор на жалба.

    Но, место веднаш да го комплетира и достави целиот предмет во Врховниот суд, Апелациониот суд го стори тоа дури во понеделникот наутро, со објаснување дека во петокот не стигнале потврдите од тројцата обвинети дека го примиле одговорот на жалбите од СЈО. Така цел викенд овие потврди на одговорите на жалбите патуваа од Апелациониот до Врховниот суд.

    Апелациониот и Врховниот суд се оддалечени едвај десетина метри.

    Одлучувајќи по овие жалби, вчера, на осмиот ден од изрекувањето мерка притвор, Врховниот суд одлучи на ексначалникот на Петтата управа во МВР Грујовски и на вработениот во УБК Никола Бошковски, извршител на наредбите на Грујовски, да им ги потврди мерките притвор. За Тони Јакимовски, шефот на кабинетот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, Врховниот суд ја тргна мерката притвор, но му го одзеде и дипломатскиот пасош, поради опасност од бегство.

    Но, откако дојдоа одлуките, синоќа МВР не ги најде дома ни Груевски, ни Бошковски да ги спроведе во притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира