Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков се повлекува од сите функции во ВМРО-ДПМНЕ, соопшти партијата, објавувајќи негова писмена изјава на својот веб сајт. Во изјавата, Мијалков, кој е член на Извршниот комитет на партијата, вели дека ја става неговата политичка активност во мирување додека траат судските постапки против него.
„Ја информирам јавноста дека мојата политичка активност ја ставам во мирување. Со цел да се завршат судските постапки кои се во тек, а во кои што кај мене постои лично убедување дека ќе се докаже вистината, донесов лична одлука да се повлечам од сите партиски функции“, вели Мијалков.
Мијалков е обвинет од СЈО во “Тврдина” и „Таргет”, кои што се споени во еден предмет за незаконско прислушување и уништување на опремата за прислушување, во “Трезор” за злоупотреба при набавката на британската опрема за следење на комуникациите за потребите на УБК и во „Тортура“ за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Основниот суд Скопје 1 му одреди мерки за претпазливост – одземање на пасошот и еднаш неделно да се јавува во суд, иако СЈО бараше притвор. Апелациониот суд потоа ги потврди мерките на претпазливост.
Мијалков беше директор на УБК до 12 мај 2015 година, кога си поднесе оставка веднаш по полициската акција во кумановско Диво насеље. Истиот ден, оставки си поднесоа тогашните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.