Министерот за здравство Арбен Таравари кажа дека не брзаат со смена на директорите, откако на Клинички центар нов раководител доби само Ортопедија во рамките на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар. Засега не го менуваат директорот на Клиниката ТОАРИЛУЦ Реџер Селмани, туку само е именуван раководител на Ортопедија, Виктор Камнар.
На денешната прес-конференција, Таравари најави дека ќе ги потпише именувањата на нови директори на Прилепската општа болница, Струмичката општа болница и на специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза Лешок.
„Не брзаме со замена на директорите, подобро да најдеме добри решенија, а тоа го правиме и во разговори со вработените”, рече Таравари.
Илија Јовановски ќе биде директор на општа болница Прилеп, Наќе Гогов на општа болница Струмица, а Исмаил Вахити на специјална болница за белодробни заболувања и туберколоза Лешок.