Министерството за правда во центарот на Скопје вечерва беше обоено од демонстрантите што се на протестот што го организира граѓанската инцијатива „Протестирам“, јавуваат репортерите на СДК.МК. Демонстрантите со транспарентот„ Еднаквост, правда, слобода“ тргнаа од СЈО и се упатени кон Собранието. Демонстрантите бараат оставка на претседателот Ѓорге Иванов, повлекување на аболицијата на политичари и соработници под истрага за криминал во врска со аферата со прислушувањето и одложување на изборите на 5 јуни. На вратата на Министерството со нова барокна фасада со црвена боја пишува Министерство за неправда.
Демонстрантите на вчерашните протести низ Скопје порачаа дека не ја прифаќаат идејата на Европската унија за обновени преговори меѓу лидерите на политичките партии. Тие велат дека ако Зоран Заев оди на преговорите во Виена не треба да смета на нивната поддршка. Бараат, ако веќе има нови преговори и тие да бидат вклучени во нив.
Протести се во тек и во Битола, Велес, Штип, Струмица, Кочани, Прилеп и во Куманово, а се најавени и во Кавадарци, Гостивар и Охрид.
Министерството за внатрешни работи апелира да нема никакво насилство на протестите што секојдневно се организираат, да не се уништува имотот, без разлика дали е државен или приватен и да не се напаѓа полицијата затоа што таа е тука да ја чува безбедноста и стабилноста. МВР апелира до граѓаните да ја третираат македонската полиција како партнер, како чувар на нивната безбедност.
Спас и почитување и имплементација на договорот од Пржино, а не постигнување нов договор за излез од политичката криза во Македонија. Ова, како што за МИА потврдија од Европската унија, ќе биде целта на новата лидерска средба на првите луѓе на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА што во организација на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан и тројцата европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан во петок (22 април) ќе се одржи во Виена.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера потврдија дека ќе присуствуваат на состанокот во Виена во петок, но од СДСМ не одговараат на поканата на еврокомесарот Јоханес Хан бидејќи им треба време за консултации во рамките на коалицијата, но и со невладините организации кои се дел од движењето „Протестирам“.