Жител на скопското село Марино, кој никогаш немал стан и не користел централно парно, го чека судење во Основниот суд Скопје 2 во октомври, и покрај тоа што докажал дека идентитетот му е заменет со човек со исто име и слично презиме, кој пред повеќе од седум години имал неплатен долг кон Топланата Скопје Север АД. Тој е социјален случај кој прима социјална помош и не знае како ќе го плати адвокатот на принудното судење во Основниот суд Скопје 2, за да докаже дека Топланата Скопје Север, Основниот суд Скопје 2 и МВР му го украле идентитетот за да плати сметка за парно која никогаш не ја направил.
За овој случај постапка води Народниот правобранител Иџет Мемети.
Имено, за неплатен поранешен долг, Топланата Скопје север АД во 2010 година во Основниот суд Скопје 2 преку адвокат му поднела тужба на Гуте Милановски од Скопје. На тужбата била наведена само адресата, односно улицата Лазо Трповски и бројот на станот на должникот. Без матичен број, што е недозволиво по Законот за парнична постапка, Основниот суд Скопје 2 ја прифатил оваа тужба. И не само тоа, ја чувал некомплетна неколку години, место да ја врати во Скопје Север АД за да ја уреди и да стави матичен број.
Поминуваат години, Граѓанскиот суд го процесирал случајот со тужбата без матичен број и донел пресуда, на штета на должникот. Но, место кај должникот Милановски, судскиот извршител пред три месеци затропал на вратата на Гуте Миленковски, жител на скопското село Марино, општина Илинден. Таму ниту некогаш имало централно парно, ниту Миленковски некогаш не живеел на улицата Лазо Трповски во населбата Скопје Север, кај што бил направен долгот.
Кога му ја врачил судскиот ивршител пресудата, Миленковски шокиран отишил на шалтер во Основниот суд Скопје 2 да укаже дека судот направил грешка со неговиот идентитет, дека никогаш немал стан ни ќе има, дека живее во Марино и таму нема централно парно. Во судот му рекле дека тоа не е нивна работа и ако мисли дека не е лицето на актот за извршување, да си фати адвокат и да си поднесе приговор.
„Пред три месеци, дојде известување извршна пресуда дека должам и треба да платам стара сметка за парно и судски трошоци. Добив инфаркт. Притисокот ми е над 220 мерни единици и од тогаш сум на кардиологија. Јас сум сиромав. Земам 1.200 денари месечна социјална помош. Од кај да платам сега адвокат? Јас не знам кој ги даде моите податоци и кој ме вовлекол во ова. Имам извод од Матично, потврда од Општината, од Катастар. Сите овие институции може да потврдат дека никогаш не сум живеел на таа улица Лазо Трповски во Бутел или Скопје Север, не знам кај е. Помогнете ми некако, многу се разболев од ова што ми се случи. Не знам и таа Брза помош што доаѓа неколку пати како ќе ја платам“, моли за помош Миленковски.
Кога отишол во Основниот суд Скопје 2 да им укаже на грешката и дека воделе и завршиле непостоечки случај против него, од Граѓанскиот суд му рекле:
„Во Судот ти си заведен дека должиш и ти ќе одговараш. Тоа е тоа“, по што на Миленковски му се слошило на местото.
„Ова не е држава, ние немаме држава!“, вели овој човек со сериозни здравствени проблеми.
Очаен, отишол кај Народниот правобранител Иџет Мемети.
„Кон крајот на мај годинава Миленковски дојде кај Народниот правобранител. Ние го советувавме за секој случај да поднесе приговор, да не му удрат печат за правосилност на пресудата и да го дадат на извршител. Испративме допис до Скопје Север АД да ни кажат оттаму со кое лице имаат склучено договор и укажавме дека освен сличност со името, овој човек Гуте Миленковски од Марино нема никаква друга врска со лицето Гуте Милановски кој живее на улицата и бројот наведени во пресудата. Укажавме дека вистинскиот должник не е Гуте Миленковски од Марино, туку Гуте Милановски од населбата Скопје Север“, објаснува Зоран Билбиловски, државен советник кај Народниот правобранител Иџет Мемети.
По ова, стигнал одговор од Топлана Скопје Север дека вистинскиот должник Гуте Милановски си го платил долгот и дека не должи повеќе.
„Минатиот месец, во јули, од Топланата Скопје Север побаравме да ја повлечат тужбата. Рекоа дека ќе постапат, дека ќе ја повлечат. Истовремено му пишавме и на Основниот суд Скопје 2 и на претседателот Илир Сулејмани, со барање да ни одговори како го утврдиле идентитетот на должникот воопшто, кога во тужбата нема негов матичен број? Прашавме како судот утврдил дека должник е ова лице од Марино?“, прашува и денеска државниот советник Билбиловски.
Билбиловски, од досегашното искуство со претставките од граѓани во врска со нивни спорови пред граѓанскиот суд, вели дека во случајов, судот се ставил на услуга на АД Скопје Север.
„Со оглед на тоа дека во тужбата од Топланата немало наведено матичен број на тужениот, Основниот суд Скопје 2, место да ја врати на дополнување во компанијата, испратил писмо до МВР и таму прашал за должникот без матичен број. Добил одговор од МВР дека тоа лице е Гуте Миленковски, кое живее во Марино, што е кршење на законот, како од судот, така и од МВР“, вели Билбиловски.
Бидејќи Народниот правобранител му укажал на АД Скопје Север на грешката со идентитетот на вистинскиот должник и на целата граѓанска постапка во судот, но и поради тоа што вистинскиот должник си го платил долгот, компанијата пред Народниот правобранител дала усно ветување дека тужбата против погрешниот должник Гуте Миленковски ќе ја повлече. Но, до денеска ништо.
Ај што уште не е повлечена незаконската тужба, туку Основниот суд Скопје 2 во октомври закажал судско рочиште против недолжниот Миленковски. Неговиот приговор против извршниот акт, Граѓанскиот суд го преточил во граѓанска парница каде сега тој треба да докажува дека му бил злоупотребен идентитетот и дека никогаш не живеел во Скопје Север, дека никогаш немал стан, никогаш не користел парно греење…
„Човекот ни крив ни должен е изложен на стресови, сега уште и судење го чека. Судството има двоен аршин, тоа се потврдува и со овој случај пред Народниот правобранител. Граѓанин ако тужи институција или компанија и ако буква ѝ фали на тужбата, судот обавезно му ја враќа да си ја доуреди и да извади уште куп документи. Судот ќе го малтретира граѓанинот до бескрај. Во овој случај, без матичен број на тужбата, што законски мора да го има, директно судот закажува судење против погрешно лице и носи пресуда. Судот е слуга на бизнис и политичката елита. Тој не е на страната на граѓаните“, е заклучокот на државниот советник Билбиловски од овој случај и од бројните други претставки поднесени од граѓаните, кои изиграни од судовите, кај Омбудсманот си ги бараат своите скршени слободи и права.
На врвот на најголемиот број претставки од граѓаните што стигнуваат на годишно ниво кај Народниот правобранител, без конкуренција се претставките против судството.
С. К. ДЕЛЕВСКА