Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ уште на самиот почеток ја блокираа седницата за разрешувањето на државниот обвинител Марко Зврлевски, излегувајќи масовно сите на говорницата пред претседателот на Собранието Талат Џафери, кој го замоли Антонијо Милошоски да ја напушти говорницата и да почека да му даде збор.
На самиот почеток, Илија Димовски и Антонијо Милошоски го побараа одговорот од Антикорупциска комисија како услов да почне расправата за разрешување на Зврлевски.
Пратениците од опозицијата бараат од Антикорупциската комисија да протолкува дали може според Изборниот законик по распишување на локални избори да се разрешува избран функционер, во случајот обвинителот Зврлевски.
Џафери повикува обезбедување да воспостави ред, но набрзо потоа даде пауза. Тој смета дека нема пречка Собранието да продолжи со работата додека се чека одговорот од Антикорупциска. Според него, тие забрани во Изборниот законик не се однесуваат на работата на Собранието, туку на Владата и нејзините институции.
С. К. ДЕЛЕВСКА