Идејата за преименување на скопскиот аеродром во „Александар Велики“ се појавила 14 години пред тоа да го стори владата на Никола Груевски во 2006. Угледното француско списание „Политик етранжер“ во изданието од 1992 пишува дека скопскиот аеродром е преименуван во “Александар Велики” уште во таа година.
Истата таа 1992, една година по прогласувањето независност на Македонија, Грција го преименува Аеродромот во Солун од „Микра“ во „Македонија“.
Во истражувачкиот текст што за ова го напишав во ноември, 2009, ниту тогашната власт ниту политичарите од македонското државно раководство кои беа современици на текстот во „Политик етранжер“ не знаеја дека таква идеја постоела во 1992.
Сепак, ВМРО-ДПМНЕ на чело со лидерот Никола Груевски никогаш не открија од каде во 2006 им дошла идејата за преименување на аеродромот.
Во бројот 2 од „Политик етранжер“ за 1992 година, кој е целосно посветен на Балканот, има текст на францускиот историчар Стефан Јерасимос, напишан во април 1992, во кој под наслов „Другиот Александар“, тој ги анализира односите на Грција со соседите.
Во делот за Македонија пишува: „Денешна Грција си игра со тоа што се плаши самата себеси, предимензионирајќи ги провокациите кои нејзините соседи си земаат итро задоволство да ги мултиплицираат: печатење на Белата кула во Солун на македонските банкноти, името Александар Велики дадено на Аеродромот во Скопје, дистрибуција на карти во кои границите играат валцер, извикување слогани на спортските натпревари итн.. Таа одговара на овие провокации, организирајќи манифестации во Солун, на кои толпата извикува дека Александар е Грк“.
„Политик етранжер“ е едно од најугледните списанија за меѓународни односи во светот, излегува од 1936, и во него пишувале значајни автори, од Клод Леви Строс, преку Сартр, до Кинсинџер, а целата архива им е и на Интернет.
Стефан Јерасимос, кој почина во 2005, е угледен историчар ориенталист, по потекло Грк од Истанбул, кој како професор на универзитетот Париз Осми се залагал за влез на Турција во ЕУ.
Скопскиот аеродром Петровец беше преименуван во „Александар Велики“ на 27 декември 2006, со владината одлука, на чело со тогашниот премиер Никола Груевски. Всушност, со таа одлука почна процесот кој во македонската јавност е именуван како „антиквизација“ на Македонија и кој особено се третира како контроверзија во контекст на спорот за името со Грција. Владата, официјално, никогаш не излезе со образложение како се дошло на идеја да се преименува Аеродромот.
Министерот Антонио Милошоски во тоа време само изјави дека Александар Велики е историски војсководец кој, како таков, е меѓународна фигура и не е сопственост на ниедна земја. Тој рече дека тоа не е обид на Македонија да го монополизира името и оти Грција не треба тоа да го смета за провокација.
Се разбира, Грција веднаш реагираше дека Скопје прави обид, со „извлекување на неосновани барања од минатото“, да си ја зајакне позицијата. Тогашната министерка за надворешни работи Дора Бакојани тоа го оцени како „чекор кој не е во склад со обврската за добрососедски односи, која произлегува од посветеноста кон ЕУ, и не е во корист на евроатлантските амбиции“.
Политичарите од тогашното македонско државно раководство, со кои во 2009 разговарав за текстот на Јерасимос, ми рекоа дека првпат слушаат за него, но секој од нив имаше различно толкување од каде таа идеја се нашла токму во тоа време во таков текст.
Првиот македонски претседател Киро Глигоров рече дека во 1992 година никој, па дури и најтврдокорните вмровци не мислеле дека Аеродромот или кој било друг објект треба да се преименува со името на Александар Велики. Но, рече тој, инсистирањето на античката историја било особено силно кај македонската дијаспора во Австралија, која била доста активна во лобирањето, па не е чудо оваа идеја да ја промовирале и во академските кругови.
Проф. Денко Малески, првиот македонски министер за надворешни работи, кој беше на функцијата од 1991 до 1993 година, исто така, не чул за овој текст, но рече дека не го изненадува она што стои во него.
„Првото прашање што како министер тогаш постојано го добивав од грчките новинари беше: дали сте потомци на Александар Велики?“, рече Малески и додаде: „Од првиот ден на независноста на Македонија, Грција просто нѐ туркаше во стапицата да се декларираме за потомци на Александар Велики, за да може така да нe дискредитира на меѓународен план – да прикаже дека Македонија има претензии кон грчката историја, територија итн.. Само така Грција ќе покажеше пред светот дека има случај во спорот за името со Македонија. Нив ги плашеше нашиот вистински базично словенски идентитет, и како погрченото население ќе реагира на таа нова држава на северот“, рече Малески.
Ни Стојан Андов, првиот спикер на македонскиот Парламент, не чул за текстот во „Политик етранжер“ ниту, пак, се сеќава дека во тоа време имало какво било спомнување на можност за преименување на Аеродромот. Тој рече дека првпат таа идеја ја чул во јули 2006, кога тогашната власт на ВМРОДПМНЕ ја пушти во оптек.
Некои аналитичари во 2009 сметаа дека и оваа, а и идејата за повикување на античкото минато е дело на влијание од странски служби на кои им одговара „Македонија и Грција да бидат скарани“.
Во 2009 и тогашните премиер Никола Груевски и министерот за надворешни работи Антонио Милошоски рекоа дека никогаш не чуле за споменатиот текст од 1992. Сепак ниту тие ниту ВМРО-ДПМНЕ никогаш не одговорија од каде им дошла идејата за преименување на Аеродромот.
На 25 јули, 2008 скопскиот весник „Дневник“, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека Македонија на посредникот во спорот за името Метју Нимиц му споменала дека заради градење меѓусебна доверба меѓу двете земји, Грција треба да го врати старото име на Солунскиот аеродром, а Македонија ќе го стори истото со името на Скопскиот аеродром. Но оваа иницијатива не доби никаков натамошен развој, и тоа беше последен пат таа јавно да биде спомената.
М. КОСТОВА