ТИТУЛАТА НАЦИОНАЛЕН УМЕТНИК ЗА 2017 НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ, КАНДИДАТИ БИЛЕ ТВРДОКОРНАТА ЕЛЕНА МИСИРКОВА И ДРАГАН ДАУТОВСКИ

    ТИТУЛАТА НАЦИОНАЛЕН УМЕТНИК ЗА 2017 НЕМА ДА СЕ ДОДЕЛИ, КАНДИДАТИ БИЛЕ ТВРДОКОРНАТА ЕЛЕНА МИСИРКОВА И ДРАГАН ДАУТОВСКИЕлена Мисиркова Лоза (трета од десно) беше еден од основачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и беше активна на протестите кои кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април (Фото: СДК.МК)

    Титулата Национален уметник за 2017, за која годинава конкурираа Драган Даутовски и Елена Мисиркова- Лоза, нема да се додели оти ниту еден од предложените кандидати не ги исполнува условите утврдени со Законот за национален уметник на Република Македонија, одлучи Владата.

    Од Министерството за култура велат дека музичкиот уметник Драган Даутовски е предложен од Сојузот на композитори, а пијанистката и амбасадор на културата на Македонија во Австрија Елена Мисиркова-Лоза од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

    „Двата кандидата не ги исполнуваат предвидените критериуми и затоа не беше доделена наградата. Пријавата на Мисиркова пристигна после истекување на предвидениот рок, додека Даутовски не го исполнуваше вториот услов да биде добитник на награда или да учествувал на натпревари од Женевската федерација на натпревари. Врз основа на тоа, министерот Робер Алаѓозовски го извести претседателот Ѓорге Иванов дека наградата за национален уметник за 2017 година нема да се додели“, велат од Министерството.

    Елена Мисиркова Лоза беше еден од основачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ и беше активна на протестите кои кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април.

    Измените на Законот за национален уметник со кои ќе се укине оваа титула веќе се во собраниска процедура. Според Министерството за култура, титулата се укинува поради „нееднаквоста на уметниците, односно активни уметници добиваат плата и пензија, а други само плата“.

    „Ваков закон нема во современиот свет. Сметаме дека има доволно системи за наградување и поттикување на уметниците. Оваа титула создава и сериозни импликации во буџетот, како доказ за тоа е дека минатото раководство по 5 месеци доцнело со исплатата на пензиите“, велат од Министерството.

    Титулата првпат е доделена во 2011, на пијанистот Симон Трпчески. Досегашни добитници се режисерот Милчо Манчевски, пејачката Есма Реџепова, оперските пејачи Ана Дурловски и Борис Трајанов и поетот Никола Маџиров.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира