Трендот на опаѓање на учениците и бројот на децата во Република Македонија е загрижувачки, изјави министерката за образование Рената Треневска Дескоска на првиот училиште ден во Куманово. Во Куманово оваа година се запишаа околу 1.200 првачиња, седумдесетина помалку од лани, а во прва година во средните училишта 1.100 ученици или 200 помалку од минатата година.
„За жал се забележува опаѓање на бројот на деца коишто се запишуваат и во средното образование и покрај тоа што е задолжително, што покажува на трендот за иселување на млади луѓе од државата, семејства со деца во образовен процес. Се надеваме дека процесот на иселување на младите ќе запре, Министерството за образование и наука ќе направи реформи кои ќе значат враќање на квалитетот на образованието и правење на образованиот систем во Македонија атрактивен за учениците, како би останале овде и би го продолжиле своето образование“, рече Треневска Дескоска.
Министерската најави во наредниот период подеднакви инвестиции во образованието независно од политичката определба на градоначалникот, а не како што било случај досега во кумановската општина. Таа денеска им посака успешна учебна година на првачињата во основното училиште „Браќа Миладиноваци“ и средното стручно училиште “Перо Наков“.
„Денеска на првиот училишен ден решив да присуствувам на неколкуте свечености што се организираат во Општина Куманово, бидејќи Општина Куманово е со најголем број ученици, со најголем број првачиња. Дојдов и во средното стручно училиште, со цел да го промовираме стручното образование. Освен медицинското, економското и правното, другите насоки на стручно образование се запоставени и не се атрактивни за учениците. Се надевам дека со измените што ќе се направат со наставните програми ќе поставиме систем кој ќе ги привлече учениците. Правиме напори и договор со компаниите да се овозможи практична настава на учениците, со цел да им овозможи настава која ќе ги прави способни на пазарот на трудот“, рече министерката.
С. НИКОЛИЌ