Платформа со четириесетина барања мод мотото „Здравјето пред профитот“ упати граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ до сите партии што имаат намера да кандидираат градоначалници на Општина Центар и на градот Скопје, на претстојните локални избори. Со барањата, сметаат од Иницијативата ќе се подобри квалитет на животот во ова старо јадро во центарот на главниот град, според стандардите за урбано живеење во 21 век.
Барањата се однесуваат и до евентуалниот иден независен кандидат за Општина Центар Андреј Жерновски.
Идниот градоначалник на Центар според барањата треба да донесе мораториум за градба во Дебар Маало додека не се изготви нов ДУП според сите стандарди и без „случајни“ превиди. Тие бараат да се прекине праксата со секоја измена на ДУП да се зголемува катноста на објектите, односно максималната висина на објектите во Дебар Маало, да остане 19 метри. Итни мерки против загадувањето на воздухот, да се забранат градежни активности при високо ниво на загаденост, враќање на тротоарите на пешаците и ограничување на времето за дотур на стока во дуќаните.
„Во одбрана на Дебар Маало“ бараат и програма за инклузија на децата со посебни потреби во образованието, одговорно и транспаренто финансиско работење, намалување на бучавата на кафулињата и зголемен ангажман и контроли на сообраќајната полиција.
„Општинските власти со години не ги спроведуваат или само делумно се спроведуваат, а честопати ги изигруваат или забораваат изборните ветувања. На овие локални избори ќе ги гласаме само оние кандидати кои ќе понудат програма за подобар живот во Дебар Маало врз основа на нашата платформа и кои експлицитно ќе се обврзат дека ќе ја реализираат во предвидениот мандат“, велат од Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“.
Пред две недели жителите на Дебар Маало протестираа откако жена беше прегазена од комбе за достава на пиво во близина на Основното училиште „Коле Неделковски“ и Министерството за култура .
А. АНТЕВСКА