МИЛОШОСКИ ГИ ОБВИНИ ДУИ ЗА КОРУПЦИЈА, АДЕМИ ПОБАРА ОД НЕГО ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ТЕУТА И МЕЏИТИ

    МИЛОШОСКИ ГИ ОБВИНИ ДУИ ЗА КОРУПЦИЈА, АДЕМИ ПОБАРА ОД НЕГО ДА ИМ СЕ ИЗВИНИ НА ТЕУТА И МЕЏИТИПратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања кон функционери на ДУИ острo му реплицираше на Џевад Адеми. - Милошоски на денешната седница на Комисијата за европски прашања (Фото: Ѓ. Личовски)

    Предлог-законот за употреба на јазиците ги скара власта и опозицијата на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања. Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања кон функционери на ДУИ острo му реплицираше на Џевад Адеми, пратеник од ДУИ, дека со законот за употреба на јазиците пред локалните избори сакаат да го покријат паднатиот рејтинг на партијата.

    „Не се виновни ниту Антонијо Милошоски, ниту ВМРО-ДПМНЕ што во изминативе години не можевте да вработите ниту еден Албанец без поткуп. Не може вашите неуспеси на изборите, односно падот од 20 на 10 пратеници, да ни ги препишувате нам. Не може криминалот во ДУИ да не биде проблем, а говорот на Милошоски да биде проблем. Во Чаир не можете да добиете ниту една дозвола без да платите корупција. Зошто ДУИ изгуби во Чаир, затоа што ги одра Албанците. Корупцијата во ДУИ не е проблем, а проблем се пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кога зборуваат за уставноста на предлог законот за јазиците“, му рече Милошоски на Адеми.

    Адеми на Милошоски му реплицираше дека треба да се извини на градоначалниците Теута Арифи и Изет Меџити за искажаните паушални обвинувања.
    „За никого не може да се каже дека е корумпиран, ако за тоа нема судска одлука. Милошоски треба јавно да се извини за изкажаните паушални обвинувања“, рече Адеми.

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа од законот да се тргне европското знаме , бидејќи содржината не произлегувала од ниту еден акт или директива на Европската унија, и дека е противуставен и со ставање на европското знаме сака да се ограничи јавната дебата. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, рече дека со законот се заокружува Охридскиот договор, се обезбедува еднаквост и се унапредуваат меѓуетничките односи..

    На денешната расправа присуствуваа и дипломати и преставници на невладиниот организации и професори на универзитети. Расправата за законот за употреба на јазиците трае само три дена, до четврток. Потоа предлогот треба да помине на собраниска седица па повторно да се врати во Комисијата и на крај Собранието да го усвои.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира