Повеќе од четириесетина стебла од дрвја денес беа исечени во познатата рекреативна зона Тумбе Кафе во Битола. Сечата е напревена на почетокот до Тумбето, каде на местото на густата листопадна шума сега има гола ледина. Дел од исечените стебла се собрани во купови крај каналот кој минува пред тумбето. Ваквата глетка денес ги вознемири битолчани кои рекреираа во зоната.
„Тука рекреираме со години и никогаш не се сечело. Сега опустошен е долниот дел од рекреативната зона. Исечените дрвја се кутнати на соголениот рид и се на очиглед на минувачите. Да се надеваме дека веќе нема да се сечи“, велат битолчани.
Портпаролот на ЕВН Атанас Ковачевски во телефонски разговор изјави дека сечата е направена за расчистување на вегетацијата околу далековод кој е значаен за напојување со струја на дел од Битола. Далеководот е постоечки, но бил во функција, а со изградбата на нови објекти се јавила потреба од негово искористување.
Екологистите од здружението „За нас се работи“велат дека тие добиле одговор од ЕВН дека дрвјата биле сечени за ставање во функција на далековод за новата населба која се гради во битолската касарна.
„Добивме известување дека дрвјата во линија на далеководот во вкупна ширина од 12 метри вдолж Тумбе Кафе мора да бидат исечени, како мерка на претпазливост за далеководот кој се става под напон за населбата во касарната. Исечени се повеќе од 40-тина стебла. Е сега, да бевме некое нормално општество ќе излезеа и ќе посадеа нови дрвја на некое друго место“, вели Иван Чулаковски од „За нас се работи“.
Од Општина Битола побараа нашите прашања поврзани за сечата да им ги пратиме на писмено, но до доцна попладнево одговор не добивме.
Тумбе Кафе е ридско-планински дел кој започнува по шеталиштето и паркот во Битола и било место за уживање уште во турско време кога таму кафе пиеле битолските аги и бегови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА