Пратениците со 77 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, ги донесоа измените на Изборниот законик, според кој партиите во Државната изборна комисија со членови ќе бидат соодветно застапени според соодносот на пратеници во Парламентот. Отаму, се очекува ДПА, која на последните парламентарни избори освои само две пратенички места, да ја напушти ДИК и местото да го добие Движењето Беса, кое освои пет пратеника.
Од пратениците никој не гласаше против, а измената на Изборниот законик ја имаа предложено пратеници како од власта, така и од опозицијата.
ДПА во ДИК со години е застапена со Бедредин Ибраими. Тој има и обвинение од Специјалното јавно обвинителство во предметот за изборни нерегуларности именуван „Титаник“, заедно со Сашо Срцев од ВМРО-ДПМНЕ, за изборни нерегуларности. СЈО бараше мерки за претпазивост и мерки забрана за вршење на дејноста (членови на ДИК), за да не го повторат делото за изборите кои следат во иднина, но Основниот суд Скопје 1 ги отфрли барањата на СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА