ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ЈА БОЈКОТИРАА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО

    ПРАТЕНИЦИТЕ НА ВМРО-ДПМНЕ ЈА БОЈКОТИРАА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО СОБРАНИЕТОПратениците на ВМРО-ДПМНЕ од 1990 година гласаа со своја глава некогаш спротивно од тоа што им го велеше партијата, рече првиот претседател Стојан Андов - со премиерот Зоран Заев и тогашната пратеничка Ѓулистана Марковска на одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата. (Фото: О. Теофиловски)

    Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од актуелниот состав на Собранието ја бојкотираа прославата по повод 20 години од усвојувањето на Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија и 10 години од прогласувањето на Меѓународниот ден на демократијата – 15 септември.

    На прославата  на Денот на демократијата, која се одржа во големата сала во Собранието, дојдоа пратеници од првиот состав на Парламентот, претставници на дипломатскиот кор и други гости. Но, на  говорите во кои се повикуваше за унапредување на демократијата и на владeење на правото, на претседателот на Собранието Талат Џафери, на премиерот Зоран Заев, на претседателот на првиот состав на Собранието Стојан Андов, и на Ѓулистана Марковска, како претставник на пратениците од првиот состав на Собранието, не присуствуваа пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

    Меѓународниот ден на демократијата 15 септември се слави од 2007 година насекаде во светот со одлука на Генералното собрание на ОН како ден на кој треба да се подига свеста за принципите на демократијата. Овој датум е одбран оти на 15 септември 1997 година е усвоена Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија.

    Францускиот амбасадор Тимоние и британскиот Гарет меѓу старите и новите пратеници во Собранието (Фото: О. Теофиловски)

    По завршување на прославата, на  излегување од собраниската зграда во ходниците се разминаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од првиот собраниски состав со дел од актуелните пратеници. Поминаа едни покрај други, како да не се препознаваат. Еден од  пратениците од првиот Парламент кратко прокоментира: „Овие од нашата партија се? Не, не се од нашата“.

    Претседателот на Собранието Талат Џафери во говорот рече дека Парламентарното мнозинство има јасно изразена волја да продолжи во развојот на демократијата, владеење на правото и функционирање на правната држава, преку јакнење на улогата на Собранието.

    Премиерот Зоран Заев рече дека ударот врз демократијата бил осетен токму во ова Собрание.

    „Од политичката криза Парламентот излезе посилен, затоа што успеа да ги надмине политичките интереси и препознавајќи дека излезот е во почитувањето на заедничките граѓански интереси“, рече Заев.

    Претседателот на првиот Парламент на независна Македонија Стојан Андов рече дека во првиот состав имале големи караници, бурни седници, но, немало лутење.

    „Разликите беа многу големи. При донесување на Уставот на 17 ноември, Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да не гласа за Уставот. Но, кај пратениците не преовлада партиското. Гласаа да не се прелее војната и кај нас, и гласаа за Уставот што беше спротивно од нивната партиска директива“, рече Андов.

    Ѓулистана Марковска, како претставник на првиот парламентарен состав од 1990-1994 година ги повика актуелните пратеници  без оглед на тековните политички разлики да ги поддржат и да ги охрабрат напорите на Владата за постигнување на зајакнување на независноста, подобрување на меѓусоседските односи и јакнење на внатрешната стабилност.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира