СУДОТ МУ ОДРЕДИ НОВ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА НА ИГОР ЈУГ, КАКО ВОДАЧ НА НАСИЛНАТА ТОЛПА НА 27 АПРИЛ ВО СОБРАНИЕТО

    СУДОТ МУ ОДРЕДИ НОВ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА НА ИГОР ЈУГ, КАКО ВОДАЧ НА НАСИЛНАТА ТОЛПА НА 27 АПРИЛ ВО СОБРАНИЕТО47-годишниот Југ на 21 септември беше уапсен од кумановската полиција. - Игор Југ за време на нападот во Собранието, лево од маскираниот напаѓач во бела маица (Фото: СДК.МК)

    Судија на претходна постапка денеска му одредил нова мерка притвор на Игор Југ, кој упадна со првата група насилници во собраниската прес сала на 27 април. Притворот во траење од 30 дена му е одреден на предлог на Основното јавно обвинителство Скопје за: Учество во толпа што ќе изврши кривично дело и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, бидејќи носел пиштол.  Одлуката била донесена врз база на доказите што ги понел обвинителот пред судијата, осомничениот Југ и неговата одбрана.

    Скопското обвинителство, кај што се водат истрагите за извршителите на крвавите насилства на 27 април, предлогот за притвор го поднел уште вчера, поради постоење на опасност од бегство, поради попречување на истрагата и можност за повторување на кривичното дело.

    „Предлогот е поднесен бидејќи од досега прибавените докази од страна на ОЈО – Скопје произлезе дека покрај за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 од Кривичниот законик, постои основано сомнение дека осомничениот преземал дејства како водач на толпа во врска со случувањата во Собранието на Република Македонија од 27 април годинава. Поради тоа, надлежниот јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка и за кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од чл.385 ст.3 од Кривичниот законик, за кое дело пропишана е казна затвор од една до 10 години“, соопшти Јавното обвинителство на Македонија.

    Југ на 21 септември беше уапсен од кумановската полиција, по наредба на ОЈО-Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие во врска со настаните од 27 април. Беше баран од МВР и за кривично дело Учество во толпа што ќе изврши кривично дело, како и за кривично дело Разбојништво. Првичната мерка притвор, која истече денеска, му беше осум дена.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира