Американската амбасада во Македонија бара полицијата и власта веднаш да го истражат секоe обвинување за изборно насилство пред престојните локални избори. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали сметаат дека се политички мотивирани случаите на насилство, како оној вчера кога во тепачка меѓу две групи, најверојатно за кинење плакати, во општина Шуто Оризари беше повреден градоначалникот Елвис Бајрам кој се кандидира за уште еден мандат, од амбасадата на САД велат дека „нема место за насилство во демократски избори“.
„Ја поттикнуваме полицијата и другите власти брзо и темелно да го истражат секое обвинување за насилство. Натаму, ги охрабруваме граѓаните, граѓанското општество и и медиумите да ги пријават сите сознанија за изборни неправилности во ОДИХР и соодветните институции. Владата и локалните власти треба целосно да ги истражат сите обвинувања за злоупотреба и да преземат соодветни мерки“, велат од Американската амбасада.
Од таму истакнуваат дека „престојните локални избори се важни за иднината на Македонија како напредна, стабилна демокраија целосно интегрирана во евроатланските институции“.