КАРАЏОВСКИ ТВРДИ ДЕКА ВО ВРЕМЕТО НА ПАНЧЕВСКИ НЕ СЕ МЕСТЕЛЕ СУДСКИ ПРЕДМЕТИ ЗА СЛУЧАИТЕ НА СЈО

    КАРАЏОВСКИ ТВРДИ ДЕКА ВО ВРЕМЕТО НА ПАНЧЕВСКИ НЕ СЕ МЕСТЕЛЕ СУДСКИ ПРЕДМЕТИ ЗА СЛУЧАИТЕ НА СЈОПретседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски негира дека до него и воопшто во Судскиот совет, судии поднесувале приговори за злоупотреби со електронскиот систем за распределба. - Зоран Караџовски; Факсимил од приговор до Судскиот совет (Фото: СДК.МК)

    Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски останува на тврдењето дека електронската распределба на судските предмети во Основниот суд Скопје 1 била објективна и оти не се вршеле злоупотреби, откако во четвртокот Специјалната обвинителка Катица Јанева влезе кај АКМИС системот во судот и изврши и претрес и заплени докази од домот на  експретседателот Владимир Панчевски. СЈО се сомнева дека Панчевски местел распределба на предмети кај судии, што е кривично дело.

    Јанева потврди дека Панчевски е осомничен за оддавање службена тајна, односно за копирање, изнесување и уништување на докази од туѓи судски предмети надвор од судот, во корист на некои осомничени. Одземените докази за ова сомневање се анализираат во МВР.

    „Немам што друго да изјавам од тоа што веќе сум го кажал“, одговори Караџовски за САКАМДАКАЖАМ.МК, на барањето да даде коментар дали уште е на ставот дека во Кривичниот суд во времето на Владимир Панчевски и на Татјана Михајлова се работело по АКМИС-от и предметите на СЈО не се местеле кај подобни судии.

    Караџовски тврдеше дека нема рачно местење на предмети уште во септември минатата година, кога предметите за нарачаните шамари во Центар и за незаконското ништење на списите од прислушуваните разговори во УБК се паднаа кај судијките Татјана Михајлова и Лидија Петровска. Тој тогаш за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека лично се уверил во тоа.

    “Веднаш откако беа распределени предметите и откако се дигна врева во јавноста зошто се паднале кај судиите Татјана Михајлова и Лидија Петровска, од тука, од мојата канцеларија влегов во АКМИС системот, кој ми овозможува во секој момент да влезам и да проверам во секој суд како се распределуваат предметите. Системот открива дали некој од претседателите на судовите прави местенки. Така е направен со американска стручна помош. Овие два предмета се распределени електронски, видов и немам сомнеж во тоа“, рече тој.

    За да му биде олеснето на комјутерскииот систем да ги трефне предметите на СЈО само кај десетина одредени судии, експретседателите Владимир Панчевски и Татјана Михајлова постојано го менуваа годишниот распоред на судиите во Кривичниот суд. Постојано исти судии беа распоредени во одделите каде што доаѓаа предметите на Специјалното обвинителство, а останатите судии ги тргнаа во одделот за прекршоци или во оддели за судски процеси по стариот  закон.

    Караџовски и синоќа во интервју на Алсат-М, рече дека ниту редовните и вонредните контроли на АКМИС системот во Основниот суд Скопје 1, со кој раководела колешката Александра Зафировска од Советот, ниту контролите на Апелациониот суд Скопје, а ни лично тој, не воочиле неправилност и незаконитост во електронското распределување на предметите во овој суд.

    Караџовски негира и дека до него имало пријави од судии за злоупотреби со АКМИС-от во Кривичниот суд иако на 24 септември САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека судијка од Основниот суд Скопје 1 на 14 jуни годинава со писмен приговор го известила и му укажала дека се прават злоупотреби и се местат судски предмети преку електронскиот систем за распределба на судски предмети. Во приговорот, до кој што дојде САКАМДАКАЖАМ.МК, судијката обвинува дека по наредба на претседателот на судот била исклучена од АКМИС-от и не добивала предмети, за разлика од нејзините колешки, кои добивале по двоцифрен број предмети.

    „Не е точно дека сум примил приговор од колега и не сум презел ништо. Сите муабети дека наводно системот за објективна распределба на предметите во судовите овде во Судскиот совет биле на ниво на озборуваање од некои судии“, рече тогаш Караџовски.

    Во 2014 година, и судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот суд Скопје 1, писмено го известил Судскиот совет дека има злоупотреби со доделувањето на предметите во судот.

    „На ова укажував уште во 2014 година, кога од страна на тогашниот претседател Панчевски ми беа земени предметите што ми беа дадени во работа и не ми беа доделувани предмети согласно законот, во одделот каде што бев распореден. Тоа претставуваше класичен мобинг и попречување на напредување и кариера. За ова од моја страна тогаш беше писмено известен Судскиот совет, но ништо не беше преземено во таа смисла“, ни изјави судијата Туфегџиќ.

    Спротивно на тврдењето на Караџовски, тој вели дека во изминатиот период и други судии укажувале за недоследности во примена на АКМИС системот, но за жал никој од надлежните не презел акција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира