КОМПЈУТЕРОТ НА ПАНЧЕВСКИ МОЖЕ ДА ЈА ПРОШИРИ ИСТРАГАТА И НА ДРУГИ СУДИИ

    КОМПЈУТЕРОТ НА ПАНЧЕВСКИ МОЖЕ ДА ЈА ПРОШИРИ ИСТРАГАТА И НА ДРУГИ СУДИИМожно е истрагата да се прошири и кон судиите кои биле влезени во кругот на поранешниот претседател на Судот за кој има сомневања дека имал свој систем за распоредување на предметите. - Владимир Панчевски

    Специјалната обвинителка Катица Јанева вчера барала докази за евентуален приватен систем за распределба на судски предмети при претресот на претседателскиот персонален компјутер во канцеларијата на Стојанче Рибарев, актуелен в.д. претседател на Кривичниот суд, тврдат извори од Судот за САКАМДАКАЖАМ.МК. Истиот тој компјутер го користеле и претходниците на Рибарев, Татјана Михајлова и Владимир Панчевски.

    Впрочем, цел на обвинителите од СЈО биле компјутерите што ги користел експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и како се случувало доказите со кои располагале обвинителите на СЈО да бидат достапни и за обвинетите и за сведоците.

    Засега, за оддавање службена тајна се сомничи само Панчевски, но истрагата, велат од Основниот суд Скопје 1, неизбежно ќе доведе и до други соучесници во делото. Во играта, велат тие, долго време се десетина судии кои биле влезени во кругот на Панчевски и без чија помош тој не би можел да ја спроведува агендата.

    Панчевски додека беше претседател многу често го менуваше распоредот на судиите. Самиот тој лани за САКАМДАКАЖАМ .МК изјави дека Судскиот деловник дозволува во текот на годината, ако се јави потреба од прераспределба на предмети поради зголемен обем на работа и други причини содржани во деловникот, претседателот на судот да носи измени и дополнување на годишниот распоред.

    Јанева не ја дочека работната група од Министерството за правда која подолг период се подготвува и уште нема влезено во Врховниот суд и од таму да ги испита обвинувањата за злоупотреби и местенки на судски предмети преку електронскиот систем за автоматска распределба. Таа со едната судска наредба, како што рече, извршила претрес на личниот компјутер на Владимир Панчевски, а со друга наредба од судот ги одзела сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети во Основниот суд Скопје 1.

    За местењето предмети преку приватен систем, но и за кривичното дело „оддавање службена тајна“, СЈО извршило претрес и во неговиот дом, како и во домовите на двајца информатичари вработени во Судот.

    Има сомневања дека оддавањето службена тајна се однесува на електронско преснимување, т.е. изнесување докази од предмети што ги води СЈО во Основниот суд Скопје 1 и давање на осомничени и на обвинети надвор од судот.

    „Оваа истрага што ја спроведува Специјалното обвинителство можно е да предизвика лавина од осомничени судии, зашто Панчевски кога оддавал службена тајна, секако судијата што го водел случајот требало да ги слушне инструкциите како да (не) ја води постапката“, велат соговорниците на САКАМДАКАЖАМ.МК од Кривичниот суд.

    Некои од поранешните високи функционери не се ни криеја дека имаат податоци од истрагите на СЈО. На пример, пратеникот Антонијо Милошоски на 6 април годинава се пофали дека СЈО води предистражна постапка против него. Тој на својот фејсбук профил ги објави оригиналните документи што ги добиле Министерството за транспорт и врски и Централниот регистар по службена должност од СЈО, а според кои, ова обвинителство бара фирми кои гласеле или гласат на негово име.

    Експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски беше посочен во најновиот извештај за состојбата со човековите права на американскиот Стејт департмент објавен на 5 март годинава, како маша со која владејчката ВМРО-ДПМНЕ го контролира Судот и го блокира работењето на Специјалното јавно обвинителство.

    “Во текот на годината, извесен број судии јавно изразија загриженост дека политичките манипулации со назначувањата во судството станале уште побезобѕирни, посебно во случаите на Специјалното јавно обвинителство“, беше наведено во Извештајот во делот за состојбите во Македонија, за 2016 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    Booking.com

    Коментари