Сојузот на борци на Македонија е во првите редови на вечерашните демонстрации. Тие цело време ја поддржуваат „Шарената револиција“, а вечерва нивни претставници излегоа на улица. Тие денес ја потпишаа платформата „За слободна Македонија“ со опозицијата.
Демонстрантите тргнаа кон Собранието на Република Македонија. Меѓу нив е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Демонстрантите со аплауз ја примија веста за ослободувањето на двајцата членови на Левица кои се едни од најактивните демонстранти. Левичарите Здравко Савески и Владимир Куновски денеска беа приведени од полицијата и однесени пред судија поради учество во толпа за време на демолирање на Канцеларијата на Иванов на 13 април вечерта.
Антивладините демонстранти се собраа пред просториите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Во споредба со саботата, вечерва во договореното време, во 18 часот, се појавија многу поголем број демонстранти. Има и полиција, но во помал број во споредба со претходните денови.
Демонстрантите, организирани од граѓанската организација „Протестирам“ тринаесет дена бараат повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.