ШТО ЌЕ БИДЕ СО НАС, ПОПАРЕНИ ПРАШАЛЕ СУДИИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ НА СОСТАНОКОТ СО РИБАРЕВ

    ШТО ЌЕ БИДЕ СО НАС, ПОПАРЕНИ ПРАШАЛЕ СУДИИТЕ НА ПАНЧЕВСКИ НА СОСТАНОКОТ СО РИБАРЕВРибарев денеска пред сите судии од Основниот суд Скопје 1 дал отчет што се случувало во четвртокот, кога СЈО изврши претрес во канцеларијата на Панчевски. - Владимир Панчевски; Стојанче Рибарев

    Судиите блиски на експретседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски, кај кои по АКМИС-от се паднаа и кои ги работат сите предмети на Специјалното јавно обвинителство, излегле исплашени од денешниот состанок, кој го свикал в.д. претседателот Стојанче Рибарев, околу претресот што го изврши во неговата и во канцеларијата на Панчевски специјалната обвинителка Катица Јанева, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од извори во судот кои не се овластени да даваат изјави во јавноста па затоа сакаат да останат анонимни.

    Рибарев пред сите судии кои работат во Основниот суд Скопје 1, дал отчет што се случувало во четвртокот, кога Јанева со тим обвинители и истражители, со налог за претрес од Основниот суд Гевгелија влезе и заплени докази за злоупотреби со системот за автоматска распределба на предмети кај судиите.

    Уште кога информирал што се случило тој ден, без да се впушта во детали од истрагата, пребледеле судиите блиски до експретседателот Владимир Панчевски, кој од четвртокот е под истрага на СЈО за оддавање службена тајна, а и за злоупотреби со АКМИС-от.

    Присутни судии на состанокот за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажуваат дека откако Рибарев рекол дека целата активност на системот за распределба со сите траги внатре како се делеле предметите пред неговото и по неговото доаѓање на чело на Судот е одземено од СЈО и се анализира, изреагирала судијката Лидија Петровска прашала: „А што да правам сега јас што од 4 судења од СЈО, три се паднаа кај мене? Јас сум најпогодена“.

    Рибарев на тоа ѝ кажал: „Зошто не реагиравте во критичниот момент. Зошто сега пријавувате?“
    На ова Петровска повеќе не кажала ни збор, велат соговорниците.

    За цело време додека траел состанокот, на кој не бил осомничениот Панчевски, поранешната в.д. претседателка Татјана Михајлова постојано правела влези-излези, бидејќи мобилниот нон-стоп и ѕвонел. Станала пет пати од состанокот да збори надвор. И таа била многу вознемирена.

    „Што ќе биде со нас?“, прашала судијката Александра Поп Стефанија, која Судскиот совет ја делегираше од судот во Неготино, во Основниот суд Скопје 1, а кај која се паднаа голем дел од истрагите на Специјалното обвинителство во претходна постапка.

    „Не знам јас, тоа е на Судскиот совет да одлучи“, ѝ одговорил Рибарев.

    Лани Јанева поради незаконско, нестручно и несовесно водење на постапката против Горан Грујевски од „Тврдина 1“ и „Тврдина 2“, поднесе иницијатива за разрешување до Советот за факти. Но, таа не е разрешена до денеска.

    „На состанокот имаше колешка која ја гледам првпат. И таа ги работела предметите на СЈО“, вели судија присутен на состанокот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира