Синдикатот на културата (СКРМ) смета дека изјавата на в.д. директорот на Македонската опера и балет (МОБ) Илија Рајковски за прераспределување на музичарите во Македонската радио и телевизија е избрзана и непромислена, бидејќи нема реална превработеност на музичарите, кои се носители на дејноста во оваа институција. Писмената реакција , потпипшана од Сања Ивановска- Велкоска, в.д. претседател на синдикатот, следи по прес конференцијата на Рајковски на 4 октомври, кога рече дека ќе побара од Министерството за култура да прераспредели повеќе од 30 музичари од Оркестарот на МОБ во музичката продукција на МТВ.
Рајковски на прес-конференција рече дека во Оркестарот има вработено 115 музичари, а тој смета дека треба да бидат од 76 до 78. Тој додаде оти поради големиот број музичари, се случува некои да не свират на претстави и по 2 до 3 месеци.
„Нашата втора варијанта е, доколку вишокот музичари не се преселат во МТВ, да формираме камерни оркестри па да одржуваат камерни концерти“, рече Рајковски.
Во писмото од СКРМ меѓу другото стои:„ Ако се земе во предвид новата систематизација на работните места (изготвена со цел да ги задоволи потребите на големиот број изведби предвидени во Годишната програма) која е усвоена пред неколку месеци, а во која има предвидени развојни позиции, тогаш постоја т работни места кои не се пополнети. Истакнувам дека СКРМ будно ги следи промените во културата, бидејќи е формирана за да ги заштити правата од работен однос на своите членови, а со тоа ви укажуваме дека нема да дозволиме никакво прераспоредување или укинување на работни места, а сè што навистина ќе биде неопходно да се направи, ќе мора да се спроведе во консултација со Синдикатот“.
Иваноска- Велкоска нагласува дека СКРМ е во преговори со Министерството за култура за изработка на нов закон за култура, кој ќе биде донесен преку исцрпни јавни дебати, како и колективен договор, со кои се надеваат дека ќе се решат поголем дел од проблемите генерирани од постоечкиот закон.
Б. НЕСТОРОСКА