МВР објави три фотографии од учесници во крвавите настани на 27 април во Собранието, по кои трага Скопското обвинителство, со апел до граѓаните да пријават каква било информација за нив.
„За потребите на истражната постапка што се води во Основното јавно обвинителство –Скопје, а во врска со кривично правниот настан од 27.04.2017 година случен во Собранието на Република Македонија, по претходно одобрение од Јавниот обвинител се врши јавна објава на фотографии за три лица кои што се важни за постапката. За таа цел ги повикуваме сите граѓани кои имаат какви било сознанија за лицата, за тоа веднаш да известат во најблиската полициска станица, да пријават на телефонскиот број 192, да ја употребат апликацијата ‘Пријави сомнително лице’, на официјалниот сајт на МВР или да пријават во Јавно обвинителство“, повикува МВР.
Овој повик уследува дури шест месеци од настаните, а се поклопува со завршувањето на првиот круг од локалните избори, на кои што победи владејачкиот СДСМ. Претходно, Обвинителството немаше вакво барање до граѓаните, иако поминаа речиси шест месеци од насилствата на 27 април, а на видеата од Собранието практично се снимени речиси во целост и беа пуштени во медиумите, сосе учесниците.
Претходно утринава, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека е проширена истрагата за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села за време на нападот во Собранието на 27 април и по барање на надлежен јавен обвинител петмина осомничени се лишени од слобода при вршење на претрес во нивните домови. Во текот на денот ќе бидат преземани дејствија за утврдување на факти и спрема останати лица, додаваат од ОЈО.