Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски, двапати ја терал претседателката на Основниот суд Гевгелија Злата Попова да рапортира за потпишаната наредба за претрес кај експретседателот на Кривичниот суд Владимир Панчевски, затоа што му паднало многу сомнително што наредбата ја издал најоддалечениот суд во Скопското апелационо подрачје. Тој рече дека отишол во Гевгелија и затоа што Панчевски реагирал во Судскиот совет и оти Советот, кога ја избрал Попова за претседател, мислел дека е квалитетен кадар.
Но, Караџовски не одговори на прашањето со кои овластувања вршел увид во предметот со двете наредби за претрес во канцеларијата и во домот на Панчевски, од каде што специјалната обвинителка Катица Јанева рече дека одзела докази за отворање истрага против него за оддавање службена тајна и за злоупотреби со АКМИС системот за автоматско распределување предмети.
На упорните прашања од новинарите зошто излегол од ингеренциите и без налог од судијата Попова отишол на 12 октомври во Гевгелискиот суд со уште два члена од Советот да врши увид во наредбите за претрес, Караџовски повторуваше дека има надлежност да проверува судски одлуки. Во Законот за судови, пак, изрично пишува дека никој не смее да преиспитува одлука на судија, освен повисок суд (Апелација или Врховен) по поднесена жалба. Судскиот совет никако не смее да навлегува во предмети и одлуки на судии, освен ако против одреден судија нема поднесено иницијатива за дисциплинска постапка или за постапка за разрешување.
Кога рече дека станувало збор за поплака на поранешен претседател на суд кој бил претресуван, го прашавме Караџовски зошто не се загрижи така за големата група судии за прекршоци во предметот „Јустиција“, против кои се водеше судски процес за злоупотреби. Тогаш, не само што не отиде да ги заштити судиите и да изврши увид во истрагата, туку Караџовски и колегите од Судскиот совет итно делегираа заменици на местата на уапсените судии.
„Не може да се прави споредба на двата случаја“, рече тој.
На прашање дали отишол да врши притисок во Основниот суд Гевгелија врз судијката што го потпишала налогот за претрес, Караџовски ни одговори „Повторно шпекулирате“, без да објасни со кој документ и законско покритие првин на 6 октомври ја викнал Попова да рапортира во Скопје за наредбата за претрес кај Панчевски, а потоа за шест дена отиде и лично да изврши увид и контрола во предметот.
Караџовски рече дека Судскиот совет не работи селективно и дека ги штити сите судии еднакво.
Го прашавме Караџовски зошто не истражил кој ѝ шепнал на одбраната на Никола Груевски дека против судијата Дарко Тодоровски имало поднесено иницијатива за разрешување? Го потсетивме дека поради тоа шепнување одбраната побара и доби изземање на Тодоровски при одлучувањето за притворот на Груевски, а негов колега беше вратен од службен пат од Битола, за да го спаси од притвор обвинетиот.
Караџовски одговори: „Ако е ова вака како што велите, тоа е кривично дело, прашајте во Обвинителство. Не е точно дека не сме загрижени еднакво за сите судии, во моментов сме загрижени конкретно за претседателката на Основниот суд Гевгелија, која летоска ја избравме за претседател како квалитетен кадар“.
„Ако е квалитетна, зошто отидовте да ја контролирате нејзината одлука да му издаде налог на СЈО за претрес?“, го прашавме Караџовски.
„Никогаш не реков дека не е квалитетна“, рече Караџовски.
Во врска со наводите дека се најдени крупни злоупотреби преку рачно распределување на предмети кај судии по избор на поранешните претседатели на Основниот суд Скопје 1, а за кои Караџовски е најодговорен да ги следи, воочи, спречи или пријави кај надлежните органи на прогонот, тој вели дека нема коментар околу негова одговорност. Рече дека го чека извештајот од Министерството за правда, а за евентуални неправилности со АКМИС-системот неговата и вратата на Судскиот совет се отворени за истраги, за поднесување, како што рече, на прекршочни и кривични пријави, ако се утврди одговорност.
С. К. ДЕЛЕВСКА