Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека домашната логистика била клучна за заминувањето на Горан Грујевски и Никола Бошкоски надвор од територијата на Македонија во интервјуто за емисијата „360“ на „Алсат-М“. Според него, ако тие немале логистика која што им давала помош и во финансиски средства, дури и со тие нелегални патни исправи, нивното заминување не би било можно.
„Домашната логистика е клучната за целото нивно поминување надвор од територијата на Македонија. Ако немале логистика која им давала помош во финансиски средства, дури и со тие нелегални патни исправи, нивното заминување не би било можно“, рече Спасовски.
Министерот рече и дека обвинителството ќе треба сериозно да поработи во врска со логистиката што Грујевски и Бошкоски ја имале од луѓе во Македонија за нивното бегство од државата.
Грујевски, кој беше началник на Петтата управа на МВР и нeговиот подреден Бошкоски, во средата беа уапсени на Солунскиот аеродром со лажни бугарски пасоши и притоа грчките власти откриле дека двајцата се барани со меѓународни потерници.
Двајцата се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.
Во бегство беа од 26 јули, кога требаше да бидат спроведени во притвор, но полицијата не ги најде дома.