Анонимен локален тркач триумфираше на маратонот во Венеција, откако фаворитите биле упатени да трчаат во погрешна насока.
Бизарниот инцидент го искористил 25-годишниот Ејоб Гебрехивет, кој стана првиот Италијанец во последните 22 години кој победил на овој маратон.
Шестемина фаворити, сите од Африка, биле во водечката група по 25 истрчани километри, кога мотоциклот што бил на чело на колоната свртел во погрешна улица. Тие поминале неколку стотини метри, кога ја сфатиле грешката, по што се вратиле назад, но веќе имале загубено две минути.
Гебрехивет, кој има потекло од Еритреја, во меѓувреме, успеал да го надомести заостатокот од една минута зад водечките и набргу преминал во водство.
„Денешната трка е доказ дека напорната работа се исплаќа. Ова не беше лесна трка и победата си ја посветувам на себеси. Секогаш верував дека некогаш ќе успеам“, изјави Гебрехивет.