МИСТЕРИОЗНО ТРУЕЊЕ ВО ГОСТИВАР, ЛЕКАРИТЕ СЕ СОМНЕВААТ НА ВОДАТА

    МИСТЕРИОЗНО ТРУЕЊЕ ВО ГОСТИВАР, ЛЕКАРИТЕ СЕ СОМНЕВААТ НА ВОДАТА„Веќе исклучивме дека е труење од храна, и сега сомнежите се дека е од нешто во водата, бидејќи има многу пациенти одеднаш“, вели д-р Гојарт Сулејмани, директор на општата болница во Гостивар. - Зградата на болницата

    Сѐ уште не се знае од што се разболеа околу 300 гостиварчани за три дена, кои во болницата во Гостивар барале помош за стомачни болки, пролив, повраќање и малаксаност. Не се знае дали овие симптоми се предизвикани од вирус или од бактерија, иако според лекарите од гостиварската болница првичните анализи укажуваат на бактерија, но таа не е изолирана кај пациентите.

    Државниот санитарен и здравствен инспекторат вчера вечер излезе со информација дека според епидемиолошките анализи направени меѓу заболените исклучена е можноста дека е труење со храна, бидејќи нема поврзаност дека пациентите се хранеле од едно место. Во тек се дополнителни анализи земени и од пациентите, но и од градскиот водовод.

    Лекарите од гостиварската болница велат дека сите се сомневаат дека пациентите се заразиле од нешто во водата.

    „Од почетокот на неделата, веднаш по големите дождови имаше неколку пациенти, но во поголем број ги има последните три дена. Завчера вечер беше пикот, кога беа третирани 110 пациенти на инфективното одделение. Вчера во текот на денот имаше околу триесетина, а вчера вечер уште 45 пациенти. Сега бројот е намален, иако уште доаѓаат“, вели д-р Гојарт Сулејмани, директор на општата болница во Гостивар „Д-р Ферид Мурат“.

    Тој кажа дека повеќето пациенти по добиената терапија за да не дехидрираат, ги пуштаат на домашно лекување, и дека нема пациент со посериозни компликации.

    „Дел од пациентите немаа температура, само беа малаксани, а мал дел имаа и температура. Сѐ уште не знаеме дали станува збор за вироза или за бактерија, бидејќи досега бактерија не е изолирана. Тука беа епидемиолози од Центарот за јавно здравје, од Институтот за јавно здравје и инспектори од Државниот инспекторат и земаа мостри. Во тек се дополнителните анализи и се надеваме дека во текот на денешниот ден ќе знаеме за што точно се работи. Веќе исклучивме дека е труење од храна, и сега сомнежите се дека е од нешто во водата, бидејќи има многу пациенти одеднаш“, вели д-р Сулејмани.

    Инфективното одделение во гостиварската болница има капацитет да третира 45 до 50 пациенти одеднаш, и за да не се случи некој да чека предолго за лекарска помош, трудните жени се третирани на одделот за гинекологија, а децата на педијатрија. Повеќето пациенти се од градот Гостивар, но има и од околните села.

    „Нема место за паника. Сите пациенти се згрижени и сите што ќе дојдат ќе ја добијат потребната медицинска нега“, вели д-р Сулејмани.

    Д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, вчера кажа дека во случајот со зголемениот број пациенти со цревни заболувања во Гостивар не станува збор за труење со храна. Таа рече дека не ја исклучуваат можноста да станува збор за труење од друг извор, но дека не сакаат да шпекулираат додека не ги добијат резултатите од нализите.

    „Доколку резултатите покажат дека станува збор за нешто што е од доменот на работа на Инспекторатот, веднаш ќе преземеме соодветни мерки“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира